Дали државата пак ќе дава пари од буџетот за политичко рекламирање на партиите?

Измените на Изборниот законик во коишто се вградени препораките на ОБСЕ/ОДИХР се готови и работната верзија ќе биде доставена до сите парламентарни партии во Собранието.

Вакво соопштение испрати Министерството правда уште на 11 декември минатата година.

-Со оглед на тоа што на лидерска средба е договорено овој законик да оди во Собранието преку пратеници, Министерството за правда ќе ја достави работната верзија до сите парламентарни политички партии. Одговорноста за донесувањето и содржината на Изборниот законик ќе биде на пратениците во Собранието на РСМ, пишуваше во соопштението од Министерството.

Во соопштението беше потенцирано дека министерот, Кренар Лога го поддржал предлогот на работната група, платеното политичко рекламирање да не биде веќе на товар на државата, што беше една од забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, а работната група составена од експерти, професори и невладини организации на чело со поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски ги стави во измените.

Но, токму политичкото рекламирање со пари од државата кој беше најзвучен и единствено неусогласен предлог, најверојатно се уште е најгорливиот проблем штом речиси два месеца откако им е испратена работната верзија, а неколку месеци пред изборите, пратениците не ги предлагаат измените со новите изборни правила.

Измените предвидуваат да се избрише членот 76-д од Изборниот законик, односно се предлага напуштање на постојниот модел за финансирање на платеното политичко рекламирање со средства од Буџетот на државата, како и за надоместување на трошоците на медиумите за објавување платено политичко рекламирање преку Државната изборна комисија.

КАКВО РЕШЕНИЕ ЌЕ БИДЕ ПРЕДЛОЖЕНО?

-Ова решение, исто така, е предложено во контекст на препораките на ОДИХР дадени за последните три изборни процеси спроведени на државно ниво, да се преиспита регулативата за платено политичко рекламирање, за да се овозможи непречен пристап до медиумите на недискриминаторска основа. Но, и затоа што постојното решение е неразумен товар врз Буџетот на државата, не обезбедува еднакви услови за учесниците во изборите, претставува ризик за корупција и ја загрозува независноста на медиумите, се вели во работната верзија на предлог измените кои се пратени до пратениците. Она што го дознавме неофицијално е дека и на овие избори ќе има платено рекламирање, но условите и начинот на рекламирање ќе претрпат некои измени.

Нејасно е дали оние пратеници кои ќе ги предложат измените ќе ја менуваат работната верзија што експертите ја подготвуваа шест месеци и какви измени ќе бидат предложени.

Државната изборна комисија пак, од друга страна соопшти дека двојните, парламентарни и претседателски избори ќе ја чинат државата речиси 17 милиони евра и во нив се предвидени пари за политичко рекламирање.

Потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху образложи дека над шест милиони евра ќе одат за организирање на изборите, со обезбедување на доверлив и недоверлив материјал, транспорт, паричен надоместок за избирачките органи, односно на членовите на општинските изборни комисии, избирачките одбори.

Но, најголем дел од парите што ќе се издвојат за изборите, се за платено политичко рекламирање, односно над 10.614.000 евра.

-За претседателски избори ќе се користат повеќе средства во делот на платено политичко рекламирање, затоа што во првиот круг за претседателски избори на сите учесници во изборите им следува по две евра за запишан избирач, уште еднаш да повторам на запишан избирач на избирачкиот список. Исто така и по едно евро на кандидатите кои ќе бидат во вториот круг, исто така на запишан избирач. Додека за парламентарните избори по две евра на сите учесници во избори, исто така на запишан избирач. Тука само да наведам дека од вкупните средства ги баравме од Министерството за финансии, сите средства ни се дадени, само во делот ни недостасуваат во платено политичко рекламирање, каде со самиот Министер за финансии се договоривме дека овие средства ќе ги надополнат, подоцна, бидејќи средствата за платено политичко рекламирање се плаќаат 30 дена по конечноста на резултатите, ова нема да влијае и нема да имаме проблеми во текот на организирањето на изборите, изјави Шеху.

АКО ИМА, ДИК ЌЕ ГИ СПРОВЕДЕ ИЗМЕНИТЕ

Од ДИК објаснуваат дека за спроведување на претстојните избори е одобрен дадениот буџет согласно Изборниот законик кој во моментов е во сила.

-Поконкретно, делот за платено политичко рекламирање е регулиран во член 76-д, според кој „За исполнување на законските обврски на радиодифузерите, печатените медиуми и електронски медиуми (портали) во делот на објавувањето на платено политичко рекламирање, финансиски средства се обезбедуваат од средствата на Буџетот на Република Македонија, велат од ДИК.

Ако евентуално бидат изгласани измени на Изборниот законик според кои се укинува членот за платеното политичко рекламирање од буџетот, ДИК ќе ги спроведе измените.

-Државната изборна комисија секогаш изборите ги организира и спроведува согласно позитивните законски прописи, пред се Изборниот законик како посебен закон кој ја регулира оваа материја. Сите измени и дополнувања кои би биле усвоени од Собранието во иднина, а се во надлежност на ДИК, ДИК би ги спровела, додаваат оттаму.

Лидерите на двете најголеми политички партии, Димитар Ковачевски од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ го официјализираа датумот на изборите.

Па така на 24 април ќе се одржи првиот круг на претседателските избори, а на 8 мај вториот круг на претседателските избори заедно со парламентарните

Распишувањето треба да се направи 70 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 февруари, а пред неколку дена беше формирана и техничката влада која треба да ги спроведе изборите.

Изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите и во првиот и вториот круг на гласање не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите.

-За точните датуми на започнување на изборната кампања за претстојните Претседателски, односно Парламентарни избори, Државната изборна комисија веднаш по распишувањето на изборите ќе усвои роковник на изборни дејствија, кој ќе биде достапен за јавноста, велат од ДИК.