Дали знаете зошто младенците јадат торта на свадба? Прва брачна задача!

Обичајот да се служи свадбена торта и верувањето дека таа носи среќа датира од антички Рим и ја симболизира посветеноста дека младенците ќе се грижат еден за друг.

Еден од најдолгогодишните обичаи без кој ниту една свадба не е целосна е сечењето на свадбената торта и моментот кога младенците се хранат со истото парче. Иако сите сме присуствувале на оваа церемонија многу пати, можеби многумина не знаат дека овој чин со мали варијации влече корени од античко време.

Уште во стариот Рим, а подоцна и во средниот век, гостите ја фрлале свадбената торта во правец на невестата, бидејќи се верувало дека носи среќа, бериќет и плодност.

Гостите потоа се собирале наоколу и земале парчиња торта од нејзиниот фустан и ги носеле дома со себе за среќа. Постои и мит дека пријателите на невестата го ставаат своето парче торта под перницата, надевајќи се дека тоа ќе им донесе среќа наскоро да се венчаат.

Чинот кога невестата и младоженецот се хранат со торта ја симболизира обврската да се грижат еден за друг во идниот заеднички живот и нивната прва заедничка работа во бракот.

Кула од слатки

Некогаш постоела традиција според која гостите ределе колачи, слатки и торти еден врз друг, а ако младенците успеале да се бакнат над таа кула без да ја срушат, се верувало дека нивниот живот ќе биде полн со бериќет. Оттука, се верува дека свадбените торти треба да бидат високи, поради што се прават на повеќе ката.

Со текот на времето почнале да ставаат овошје во колачите како симбол на плодноста.