Секогаш кога ќе се случи земјотрес, првото нешто што го слушаме е неговата магнитуда според Рихтеровата скала. Дали знаете што всушност значи тоа?
Кога се зборува за земјотрес, неговата сила е изразена со Рихтеровата скала. Некое време по земјотресот може да се слушне и бројот на Меркалиевата скала. Овие два начини на опишување на моќта на земјотресот претставуваат два различни начини на кои таа моќ може да се опише, пишува National Geographic.
Најчестиот стандард за мерење на земјотресите е Рихтеровата скала, за прв пат почнува да се користи во 1935 година, а нејзин автор е Чарлс Ф. Рихтер, од Калифорнискиот технолошки институт. Рихтеровата скала се користи за мерење на јачината на земјотресот – количината на ослободена енергија. Се пресметува со помош на информациите собрани од сеизмографот.
Рихтеровата скала е логаритамска, што значи дека скоковите со цел број укажуваат на десеткратно зголемување. Во овој случај, зголемувањето е во форма на амплитуда на бранови. Тоа значи дека амплитудата на брановите кај земјотресите од шестото ниво е 10 пати поголема од онаа на петтото ниво и дека има стократно зголемување на амплитудата помеѓу земјотресите од седмото и деветтото ниво. Количината на ослободена енергија се зголемува за 31,7 пати помеѓу секоја цел број вредност.
Повеќето земјотреси се многу слаби и со магнитуда помала од три степени според Рихтеровата скала. Само мал број земјотреси – околу 15 на број од вкупно 1,4 милиони земјотреси се со јачина од 7 или повеќе степени според Рихтеровата скала, што се смета за голем земјотрес.
Најголемиот регистриран земјотрес во историјата бил со јачина од 9,5 степени и го погодил Чиле во 1960 година. Загинати се речиси 1.900 луѓе и предизвика штета од околу 4 милијарди долари. Генерално нема да видите никаква штета од земјотреси кои се регистрирани под 4 степени според Рихтеровата скала.
Читањата според Рихтеровата скала ни даваат само груба претстава за вистинското влијание на земјотресот. Како што знаеме, разорната моќ на земјотресот варира во зависност од составот на почвата во областа и начинот на кој се дизајнирани и поставени градбите.
Обемот на штетата се мери со Меркалиевата скала. Отчитувањата според Меркалиевата скала, кои се изразени со римски бројки, се засноваат главно на субјективни интерпретации. Земјотрес со низок интензитет, кој само некои луѓе го чувствуваат како вибрација и не предизвикува значителна штета, е рангиран како II. Највисокото ниво – XII – се однесува на земјотреси кои предизвикуваат уништување на згради, пукнатини во земјата и други природни катастрофи, како што се лизгање на земјиштето или цунами.
Читањата според Рихтеровата скала се одредуваат брзо по земјотрес, веднаш штом научниците ги споредат податоците со другите сеизмографски станици.
Читањата на според Меркалиевата скала, од друга страна, не можат да се утврдат додека истражителите не разговараат со очевидци за да откријат што се случило за време на земјотресот. Откако ќе го утврдат степенот на штетата, тие го користат критериумот на Меркалиевата скала за да го одредат соодветниот резултат.