Дали може Тексас да се отцепи од Америка? Земјата веќе двапати беше независна, тие силно му пркосат на Вашингтон, а протестите стануваат подраматични

И покрај сите наводи за можно отцепување на Тексас, тоа не може да се случи, се согласуваат мнозинството американски правни експерти.

Спорот меѓу гувернерот на Тексас Грег Абот и американскиот претседател Џо Бајден за прекумерниот број илегални мигранти кои ја минуваат границата ги оживеа разговорите за можно отцепување

– Тексас не може едноставно да се отцепи и да ги напушти САД – заклучува магазинот „Тајм“.

Мала група локални политичари тврдат дека Тексас има право повторно да биде независна држава, како што беше веќе во 19 век, но правната теорија ги негира. Сепак, ова прашање често се дискутира, често како реакција на изјавата на службеник или, како сега, поради политички проблем во односите Вашингтон-Тексас. Во таа сојузна држава има малку поддржувачи на независноста на Тексас, меѓутоа, поради чувствителноста на темата, нивните изјави добиваат релативно големо медиумско внимание.

Актуелниот конфликт меѓу Белата куќа и Тексас е поттикнат од ставот на државата дека федералната влада не прави доволно за да го спречи големиот број илегални мигранти кои секојдневно ја минуваат границата меѓу САД и Мексико. Инаку, лани во декември таа бројка беше рекордна за еден месец од почетокот на мерењето. Тогаш границата ја минале околу 250.000 луѓе.

Уставот вели дека федералната влада сама има овластување и одговорност да ги штити границите, меѓутоа, Тексас врие од премногу меките политики на Бајден. Како резултат на тоа, Тексас почна да гради бариери долж границата, вклучувајќи бодликава жица. Но, наскоро Врховниот суд ја овласти федералната влада и нејзините агенти да ја демонтираат жицата.

Абот, сепак, продолжи да води инает. Тој пркосно рече дека штом владата ја расклопи жицата на некој дел од границата – администрацијата на Тексас веднаш ќе постави нова. Многу аналитичари го доведуваат во прашање овластувањето на државата самостојно да управува со граничните прашања.

Во исто време, демонстрантите се собраа и најавија дека неколку стотици, па дури и илјадници возачи на камиони ќе пристигнат во Тексас на демонстрации на кои ќе побараат од Бајден да ја заштити границата. Тие најавија дека на протестот што се одржа во саботата ќе дојдат дури 700.000 камионџии во конвој наречен „Да ги вратиме нашите граници“. Американските медиуми, пак, јавуваат дека вистинската сила на протестот е многу помала и оти пристигнале само околу 50 возила.

Сето ова поттикна разговори за можно отцепување на Тексас.

Тоа движење одамна се викаше Тегзит и доби релативно големо медиумско внимание. Има и некои официјални организации како што е Тексас националистичкото движење кои се залагаат за независност на сојузната држава. Тие се однесуваат на историјата на Тексас, која била независна држава од 1836 до 1845 година. Тексас прогласи независност од Мексико во 1836 година и беше анектиран од САД девет години подоцна. Потоа стана 28-та држава на САД.

Тексас прогласи независност уште еднаш за време на американската граѓанска војна. Потоа, со поразот на армијата на Конфедерацијата, тој ја загуби самопрогласената државност, која американските судови и онака ја протолкуваа како нелегална.

Познатиот судија на Врховниот суд на САД, Антонин Скалија, во 2006 година одговори на прашањето дали постои правна основа за одвојување на државите.

– Одговорот е јасен, ако има некое уставно прашање што е решено со граѓанската војна, тоа е дека нема право на отцепување – рече Скалија во изјавата која многу често се цитира.

Со тој став се согласуваат огромен број американски адвокати.

– Не, Тексас не може легално да се отцепи од САД и покрај популарниот мит – наведува локалниот портал Texas Tribune.

Дел од политичарите на американската екстремна десница, незадоволни од потезите на Белата куќа, сепак, водат политика што им овозможува да го задржат привидот на американскиот патриотизам, спојувајќи го со сепаратизмот, бидејќи веруваат дека во независен Тексас, „ вистинските“ американски идеали би биле оживеани.

Тегзит, сепак, останува маргинален феномен без институционална поддршка.