Колку што го знам политичкото дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, очекувам дека ќе има, ВМРО ќе ги предизвика. И ние имаме интерес, зашто во опозиција сме сега и нормално дека нема да поддржуваме нелегитимна влада. Може Мицкоски си има свој легитимитет, но кога зема во коалиција слуги, кои се по избор на ВМРО, а не на граѓаните, и ние ќе направиме сѐ за да предизвикаме избори и тие што се легитимни да станат дел од власта, вели Зијадин Села .
Европскиот фронт предводен од ДУИ наскоро ќе иницира протести, преку кои ќе се обиде да изврши притисок врз власта за одржување на предвремени парламентарни избори заедно со редовните локални избори, што треба да се одржат за една година, односно наесен следната 2025 година.
Дел од оваа опозициска коалиција е и Зијадин Села, кој води судска битка со поранешниот соработник Арбен Таравари за печатот на Алијанса за Албанците, по нивното разидување во пресрет на двојните избори. Села ја навестува можноста за споени избори в година. Како што вели, Фронтот ќе направи се за да предизвика избори, но истото го очекува и од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.
–А дали сте сигурни дека нема да има парламентарни заедно со локалните избори? Според мои претпоставки, колку што го знам политичкото дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, очекувам дека ќе има. ВМРО ќе ги предизвика. И ние имаме интерес, зашто во опозиција сме сега и нормално дека нема да поддржуваме нелегитимна влада. Може Мицкоски си има свој легитимитет, но кога зема во коалиција слуги, кои се по избор на ВМРО, а не на граѓаните, и ние ќе направиме сѐ за да предизвикаме избори и тие што се легитимни да станат дел од власта – рече Села.
Наспроти ваквата интенција на Европскиот фронт да предизвика двојни избори, засега такво нешто не најавуваат владејачките партнери, и покрај одредените тензии и искри што повремено се јавуваат меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ. Според најавите од власта, нивниот план е за 12 месеци да има само локални избори, на кои заеднички ќе му зададат нов удар на ДУИ. За таа цел, тие најавуваат и меѓусебна поддршка.
–Мислам дека на локалните избори ќе имаме интересна битка меѓу опозициската коалиција што би ја предводела ДУИ и владејачката ВЛЕН. Ние имаме принципиелна соработка со ВЛЕН и како партнери принципиелно да соработуваме онаму каде што имаме заеднички интерес, во тие општини… Имаме принципиелна соработка и можеме да кажеме дека ако таа соработка продолжи дотогаш, не гледаме зошто да не се поддржуваме во тие општини каде што имаме заеднички интерес – рече Мицкоски неодамнешното интервју за „Фокус“.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ е во континуиран раст. Врз основа на бројките од анкетите што редовно ги прават, а се работи за најмалку 2 анкети месечно, тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ има пораст на поддршката. Доколку сега би се случиле повторно избори, Мицкоски не би се изненадил со број на гласови како коалиција од 450 илјади, што е зголемување во споредна со оние 437 илјади освоени на последните избори.
–Мислам дека СДСМ, врз основа на овие параметри, би бил под 125 илјади гласови, а Левица и ЗНАМ би биле тука некаде плус-минус 3 до 5 илјади гласа. А, во албанскиот блок би била изедначена трката, по стотина – 110 илјади гласови би добиле ДУИ и ВЛЕН. И покрај историски најслабиот пик на СДСМ, сепак, тие би биле најголема опозициска партија – рече премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Ниту од албанскиот коалициски партнер ВЛЕН не најавуваат двојни избори. Имено, собранискиот спикер Африм Гаши, кој по изборот на оваа функција се повлече од лидерското место во Алтернатива, посочува дека улогата на опозицијата е да дејствува како конструктивен коректор, а не да ја дестабилизира државата. Ако ДУИ продолжи по досегашниот пат, како што нагласува, најверојатно ќе претрпат значителен пораз на следните локални избори.
-Како ВЛЕН, уверени сме во исходот од претстојните локални избори. Во ВЛЕН гледам многу стабилна политичка структура, која долго време ќе ги претставува Албанците, која ќе биде сервис за сите граѓани, без разлика на нивното политичко и етничко потекло и која, со своите кадри кои ќе бидат чесни и професионални, ќе работи на меѓуетничка кохезија на сите заедници во државата – рече Гаши во интервју за „Фокус“.
Иако намерата на опозицискиот Европски фронт ќе биде да предизвика двојни избори следната есен, очигледно е и тоа дека владејачките партнери ќе се обидат да го одбијат овој притисок и да се одржат само локални избори. Засега, ниту на опозицискиот СДСМ не му одговараат нови парламентарни избори, со оглед дека новото раководство предводено од Венко Филипче има потреба од повеќе време за да се етаблира.