Јапонија е позната по градењето на најиздржливите згради во светот, следејќи три основни принципи во проектирањето, како во приватната така и во комерцијалната градежна инфраструктура.
Лоцирана во сеизмички активен регион, Јапонија разви репутација на држава со инфраструктура од врвна класа, која може да издржи моќни земјотреси вклучувајќи ги и тие чија јачина надминува 7 степени.
Воведени се две нивоа на справување со земјотреси. Доколку објектот е оштетен од помал земјотрес треба да се изгради одново со последните стандарди, а ако објектот е оштетен од посилен земјотрес одреден степен на материјална штета е прифатлив се доколку нема фатална последица врз човечки живот.
Во други делови од светот се изградени врвни зданија како Бурџ Калифа, Тајпеј 101, и Филипини Арена користејќи конструктивни мерки кои гарантираат дека може да издржат силни земјотреси.
Во основата на јапонската инфраструктура отпорна на земјотреси се три главни дизајни:
1. Конструкција „Таишин“ е основниот принцип на проектирање во градежништвото кој се применува во секоја градба во Јапонија. Гредите, столбовите и ѕидовите имаат минимално пропишани димензии за да издржат потреси. Единствениот недостиг на овој принцип е што последователните потреси може да ја оштетат конструкцијата и затоа се препорачува за згради со ниска катност.
2. Конструкција „Сеишин“ значи дека рамката на зградата треба да биде издвоена од нејзината основа со поставување на амортизери, гумени слоеви или сеизмички изолатори (базна изолација). Овие стандарди не се задолжителни според законот во Јапонија, но се препорачуваат за високатници за кои најчесто користена технологија се сеизмичките изолатори.
3. Конструкција „Меншин“ предвидува дека основата на зградата треба да се постави на челик, олово или дебели слоеви гума што ќе и овозможи флексибилност и намалување на силината на земјотресот на горните рамки. Овој градежен метод често се применува за изградба на облакодери и станбени згради со висока катност. Овој метод е многу поскап, но се смета дека е најбезбеден.
Постојат и други технологии кои исто така помагаат да се изградат згради отпорни на земјотреси:
Новите градежни методи вклучуваат и инсталирање на амортизери, блок по блок во темелите на зградата. За време на земјотреси, овие амортизери се движат напред-назад и ја апсорбираат енергијата која се создава од тресењето.
Придушувач на осцилации од земјотрес
Овој метод е измислен за да ги направи постоечките облакодери поотпорни на земјотреси, што вклучува прикачување на масивна топка со челични јажиња на фиксирана конструкција на врвот на зградата. Функционира на прилично едноставен принцип – кога зградата почнува да се тресе за време на земјотрес, топката се движи како нишало. Поради силната инерција создадена од земјотресните бранови, топката се ниша во спротивна насока спроти силата на земјотресот, а со тоа помага да се стабилизира зградата.
Невидлива наметка
„Невидливата наметка“ може да ја спаси конструкцијата за време на земјотрес. Земјотресот се шири над земјата како бранови кои создаваат вертикално движење на површината и ги тресат зградите. За да го спречат ова движење, некои градежни инженери предвидуваат поставување на пластични прстени на темелите на зградата кои ќе делуваат како штитници правејќи ги брановите на потреси „невидливи“.
Овој метод е тестиран од многу градежни инженери низ светот во последните неколку години и засега е применет во мал број објекти.
Модуларни и лесни челични конструкции
Модуларните и лесните челични конструкции се сметаат за иднината на градежниот сектор врз основа на многу фактори како што се намалувањето на емисиите на стакленички гасови, одржливоста, масовното производство, преносливоста и отпорноста на земјотреси.
Модуларните згради се формираат со комбинација на еден или повеќе претходно произведени модули.
Тие можат да се градат без основа, како и лесно да се демонтираат и транспортираат на друга локација.
TRT Balkan