– Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер денеска спогодбено ја раскина соработката со тренерот Ларс Валтер по серијата незадоволителни резултати и елиминацијата од Лига Европа во групната фаза.
Данецот Валтер седна на клупата на битолскиот прволигаш во јуни лани, кога потпиша двегодишен договор.
Под негово водство Еурофарм Пелистер го освои македонскиот Суперкуп и за прв пат во историјата настапи на завршниот турнир во СЕХА лигата.
-Целосно сме благодарни на неговиот ангажман, пристап и работа … Веруваме дека оваа одлука ќе предизвика реакција кај тимот во невралгичниот дел на сезоната. На Ларс му посакуваме многу успех во понатамошната кариера и вратите од нашиот клуб секогаш ќе бидат отворени за личност како него, соопшти Еурофарм Пелистер.
Екипата на утрешниот прволигашки натпревар против Пролет ќе ја водат асистентите на Валтер, Божидар Мојсов и Ице Соколески, а во текот на идната недела Еурофарм Пелистер ќе го избере наследникот на данскиот стратег.