Претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа, денеска изјави дека насилството на бандите во неговата земја, што ескалираше во текот на оваа недела, е проблем за целиот свет.
Најмладиот претседател на Еквадор на функцијата стапи во ноември, а по само два месеца се соочува со најголемата криза во земјата во нејзината модерна историја.
„Не влегов во ова мислејќи дека ќе биде лесно“, изјави тој за BBC.
За време на немирите, двајца лидери на банди избегаа од затвор, затворските чувари беа држени како заложници, вооружени напаѓачи упаднаа на телевизија за време на програма во живо, а експлозии одекнуваа низ целата земја.
Даниел Нобоа прогласи воена состојба и им објави војна на моќните банди, кои ја контролираат трговијата со кокаин.
„Не можеме да продолжиме со оваа игра што овие терористички групи се обидуваат да ја наметнат“, вели тој.
Даниел Нобоа и наредил на Армијата да „неутрализира“ 22 вооружени групи, кои ги нарече терористички организации.
Помош понуди и Вашингтон, па делегација од САД ќе пристигне во Еквадор во наредните недели.
Неговите критичари овој потег на Вашингтон го нарекуваат американски интервенционизам, но претседателот Даниел Нобоа го поздрави.
„Охрабрувачки е да се види дека меѓународната заедница всушност обрнува внимание на тоа што се случува овде. Тоа влијае на целиот свет, нарко-терористите кои оперираат овде имаат операции во Европа, во САД. Мораме да го решиме проблемот од коренот, а коренот на проблемот е тука“, додаде тој.