Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска изјави дека европскиот план за патот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, прифатен во Брисел, е празвно обврзувачки иако во Охрид не беше потпишан. Тој, уште оцени дека Приштина не сака да го потпише договорот, туку да ги протера Србите од Косово.
„Интересот на Приштина не е да го спроведе мировниот договор, интересот на Приштина е да ги протера Србите од Косово“, рече Дачиќ во изјава за телевизијата Прва. Тој додаде дека Приштина им дала ултиматум на Србите од северот на Косово дека „треба да прифатат пререгистрација (на автомобили) или да се преселат“.
Тој истакна дека постои можност да им се помогне на Србите на Косово „на оружен начин“, но оти во тој случај граѓаните на Србија мора да знаат дека тоа „не може да се случи без посериозен конфликт во регионот“.
– Нашата политика е коректна, ние сме во дијалог, а од друга страна, претседателот (Александар) Вучиќ неколку пати јасно кажа дека сме ја преземале обврската да го спроведеме тој договор до црвените линии, за кои јасно кажа дека се однесуваат на де факто и де јуре, секоја форма на признавање на Косово и членство на Косово во Обединетите нации, истакна Дачиќ.