Утрово на 1 септември избиле два пожари на Водно, а од еден од нив бил зафатен и планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ што се наоѓа на врвот на ова планина на територијата на Скопје. Забележан е и трет инцидент – искршено стакло на продавницата што се наоѓа во склоп на Милениумскиот крст на врвот на Водно.
Овие информации од терен ги сподели директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, кој смета дека „се работи за вандализам на најмалку три места“.
Ангелов посочи дека надлежните служби итно реагирале и ги изгаснале пожарите, а во спротивно, според него, можело да дојде до катастрофален пожар.
Според неговата изјава, прво околу 7:20 часот на телефонскиот број 112 била добиена пријава за запалена бандера и неколку трупци спроти детското одморалиште на потегот од Средно Водно до врвот на планината.
„Екипа на Парк шумата Водно излегла на место. Неколку добронамерници планинари веќе дејствувале врз опожарените трупци и бандера и помогнале огнот да биде целосно изгаснат“, вели Ангелов.