Дебарските пожарникари годинава со најмалку интервенции во седумдецениското функционирање

 Дебарската територијална противпожарна единица, во изминатиот период од годинава имала само 11 интервенции, што е најмала бројка споредено со истите периоди во седумдецениското функционирање.

– До денес регистрирани се 11 интервенции, од нив по три се на објекти (запалени оџаци) и технички интервенции, додека останатите пет на отворен простор. Ова е најмала бројка во седумдецениската статистика. Во истиот период минатата година имавме 37 интервенции, од нив дури 27 на запалени оџаци, изјави за МИА, Џетан Мифтароски, Командир на единицата.

Четиринаесетте дебарски пожарникари, освен во општина Дебар, интервенираат и во општините Центар Жупа и Маврово и Ростуше, односно подрачјето на Река, но по потреба, од хуман аспект, интервенираат и во пограничниот појас на албанска страна, што е во рамки на воспоставената соработка меѓу општините, Дебар и Пешкопеја.

– Во последните години бројот на интервенции се намалува. Така, минатата година имавме 98 интервенции, една од нив гасење пожар во албанското погранично село Војника. Споредено со претходната година тоа е за 28 помалку, односно 30 помалку во однос на 2021 година, додава Мифтароски.

Имајќи предвид дека сè уште се наоѓаме во период на грејна сезона, Мифтароски го повторува апелот до граѓаните редовно да ги чистат оџаците, бидејќи години на ред тие се главната причина за пожари на објекти.

Исто така апелира да не се пали вегетација и да се внимава при движење на отворен простор да не се фрлаат догорчиња од цигари.