Дедо Мраз пристигна со падобран во Крива Паланка

 Најпосакуваниот дедо на светот, Дедо Мраз, пристигна спектакуларно, со падобран, на градскиот плоштад во Крива Паланка, по што со јаже се спушти од повеќекатница во центарот на градот,  а тоа предизвика воодушевување кај дечињата кои со нетрпение го очекуваа.

Пристигнувањето на Дедо Мраз е дел од дневната програма на осумдневниот „Новогодишен базар 2023″ што се реализира од 22 месецов.

Претпладнево дечињата се забавуваа со богатата програма: во 11 часот, претставата „Веселиот Дедо Мраз”, настапот на „5+ фамилија” и магионичарот Кристијан Шопов, а за повозрасните одлична забава приредија Дац и Александар.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ги поздрави присутните на плоштадот, посочувајќи дека денес градот живее во друга димензија, исполнет со многу луѓе, туристи, млади, и многу дечиња, кои заедно уживаат во програмата што општината ја приреди за сите генерации и е пример за таков вид концепт на предновогодишна понуда која веќе трета година се реализира, а почнаа да ја следат голем број градови од државата.

-Со спектакуларното пристигнување на Дедо Мраз ги израдувавме дечињата. Стотици детски насмевки блескаа во еден миг, а тоа е најголемо задоволство за нас што секојдневно работиме за таа искрена детската радост. Одлична атмосфера и денес во целиот град, низ плоштадот се слева река луѓе кои се забавуваат и уживаат во програмата на базарот. Крива Паланка е пример за тоа како се креира културната понуда со која градот прераснува во посакувана и многу посетувана туристичка дестинација и тоа нам како локална власт навистина ни причинува големо задоволство и среќа, зашто нема паланчанец што не е горд на својот град по сето ова што се прави и со украсувањето на градот и со базарот, рече Митовски.

Вечерва во 18 часот програмата на „Новогодишен базар 2023″ ќе се заокружи со настапите на Два Бона, огнено шоу и Некст Тајм.

Од општината истакнаа дека базарот е стил на препознатливост на Крива Паланка.