Дел од српската опозиција бара ЕУ да воведе санкции против Вучиќ

Претставници на пет опозициски партии од Србија, за време на нивното обраќање пред членовите на Европскиот парламент (ЕП) во Стразбур, побараа воведување санкции против претседателот Александар Вучиќ и други високи државни функционери.

Копретседателката на Зелениот лев фронт (ЗЛФ) Билјана Ѓорѓевиќ порача дека бараат јасна осуда на полициската бруталност и санкции во форма на замрзнување на средства, како и забрани за патување за високи државни функционери кои го поддржаа насилството врз демонстрантите во Србија.

Преку антивладините протести во Србија, кои траат веќе десетти месец, демонстрантите бараат одговорност од властите за загинувањето на 16 лица при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад. Демонстрантите ја обвинуваат полицијата и за бруталност во обидите да ги разбие протестите што, пак, властите го отфрла како точно.

За време на панел-дискусијата во ЕП насловена „Србија: Демократија на крстопат“, Ѓорѓевиќ изјави дека бараат санкции против Вучиќ, премиерот Ѓуро Мацут, претседателката на парламентот Ана Брнабиќ и министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

На ова реагираше српскиот министер за надворешни работи, Марко Ѓуриќ, кој во гостување на ТВ Прва, оцени дека повиците за санкции „ѝ штетат на Србија“.

Како што рече Ѓуриќ, токму тоа го очекуваат „разни пропагандисти во регионот кои сакаат да ја прикажат Србија како незрел деспотизам во кој национализмот и омразата царуваат и во редовите на власта и во редовите на опозицијата“.

Панелот „Србија: Демократија на крстопат“ се одржа на маргините на заседанието на ЕП во кое европратениците на пленарна седница на која ќе учествуваат и претставници на Европската комисија и Советот на ЕУ, ќе дебатираат на тема „Бранот насилство и континуираната употреба на сила против демонстрантите во Србија“.

Оваа дебата беше ставена на дневен ред по иницијатива на пратеничката група на социјалистите и демократите во ЕП