– Партиите и независните кандидати денеска започнуваат со официјалните претставувања пред гласачите, првиот ден од кампањата за локалните избори 2025 во Северна Македонија.
Изборната кампања започна денеска и ќе трае до 17 октомври на полноќ по што следува молк пред гласањето закажано на 19 октомври. Вториот круг на гласањето е закажан за 2 ноември.
Партиите освен на терен и меѓу гласачите, предизборната кампања ја водат и на социјалните мрежи.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја започнуваат својата изборна кампања за локалните избори 2025 вечер во Скопје на голем настан на кој ќе го промовираат Орце Ѓорѓиевски, кандидатот за градоначалник на Град Скопје.
Претставувањето на сите кандидати за градоначалници и носители на листите за советници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е закажано за Штип в сабота.
СДСМ и коалицијата го организираат својот централен настан вечерва во Крушево, каде што Томе Христоски е кандидат за градоначалник. Изборниот караван претходно ќе биде во Демир Хисар и во Могила. СДСМ и коалицијата вчера имаа претставување на сите кандидати.
Коалицијата ВРЕДИ ќе го одржи својот централен настан за претставување на кандидатите за градоначалници во вторник во Скопје. За денеска е закажано претставувањето на кандидатот за градоначалник на Чаир, вицепремиерот Изет Меџити, и советничката листа за оваа скопска општина, на плоштадот „Скендербег“.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) го одржа централниот настан за претставување на своите кандидати за градоначалници синоќа во Скопје.
Вчера претставување на своите кандидати за градоначалници и советници организираше и коалицијата „Искуство за успех“ што ја сочинуваат ЛДП, ГРОМ, Интегра и ПЦЕР.
И во другите општини ќе бидат претставувани кандидатите за градоначалници и членови на совети.
Граѓанско-политичката платформа Независни која го поддржува проф. Горан Марковски, кандидат за градоначалник на Град Скопје, заедно ќе ја почне кампањата со прес-конференција на улица „Љубљанска“ во Општина Карпош.
Според Изборниот законик (член 69а), за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видеопрезентации на јавни места, изборно медиумско и интернет-претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми.
Овие локални избори се осми од воспоставувањето на независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3480 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10490 кандидати.
На овие избори учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидатури.
За градоначалничката функција на Град Скопје ќе се натпреваруваат 16 кандидати, најмногу на овие избори.
Според Изборниот законик, локалните избори се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври.
Локалната самоуправа е организирана во 80 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Во состав на Градот Скопје функционираат 10 општини, кои имаат поделени надлежности со Градот. Изборите ги распишува претседателот на Собранието со донесување акт што се објавува во Службен весник. Изборите се одржуваат најрано 70, а најдоцна 90 дена од денот на распишување на изборите.
Претходно локални избори се одржаа во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.