Денков: Бугарија и Грција се стратешки партнери за енергетските и транспортни коридори

 Имавме позитивни и конструктивни разговори, бидејќи Бугарија и Грција се стратешки партнери во однос на енергетските и транспортните коридори север-југ. Ова пред новинарите го изјави премиерот Николај Денков, кој се врати од еднодневната посета на Атина,каде што оствари разговор со неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис.

„За нашата земја беше важно да видиме колку можеме да се вклучиме во концесиите на пристаништата Кавала и Александрополис. Во однос на Кавала, грчката држава е пред потпишување договор со концесионерот, а јасно е кажано дека Бугарија се согласува да се приклучи кон оваа концесија. Почетна точка за преговорите е 20 отсто учество на Бугарија. Ова е независно од терминалите за течен гас и е за самото пристаниште. Во следните месеци следи да има развој на темата“, објасни Денков.

Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор. 

Премиерот нагласи дека концесијата за пристаништето во Александрополис во оваа фаза е запрена, но доколку повторно се отвори, Бугарија повторно ќе може да се изјасни за својот интерес.

„Односите се градат. Минатата година Грција одигра клучна улога кога беше исклучен гасот од Газпром за да можеме без прекин да ја напојуваме нашата економија и домашните потрошувачи. Во моментов се прават напори да се зголеми интензитетот на гасот што може да се напојува. Во моментов тоа се прави со инсталирање на нови компресорски станици. Тоа овозможува не само Бугарија да се снабдува, туку и да може да пренесува гас во соседните земји, на север и запад од нас“, коментира Николај Денков.

Според премиерот, грчката страна пројавила интерес за проширување на бугарскиот складиште за гас во Чирен, за да можат, за плаќање, да користат дополнителни количини. Денков најави дека Грција покажала интерес за евентуална изградба на нови реактори во нуклеарната централа Козлодуј.

Нафтоводот Александрополис – Бургас и можноста за увоз на нафта за напојување на рафинеријата беше уште еден момент на разговорите меѓу премиерите на Бугарија и Грција.

Развојот на железничките линии е исто така меѓу темите на средбата, нагласи премиерот.

„Едниот е кон Кулата, другиот кон Свиленград. Имаше проблеми со техничката состојба на грчките железници. Работата е веќе во тек и тоа ќе овозможи транспорт на повеќе товари“, рече тој.

Примерот потенцираше дека на неговата средба со Кирјакос Мицотакис се разговарало и за состојбата со пожарите кај нашиот јужен сосед. Според Денков, грчката страна изразила благодарност за помошта од Бугарија, која испратила прво 20, а потоа уште 50 пожарникари.

Во бугарската делегација при денешната посета беа и министерот за финансии Асен Василев, министерот за животна средина и вода Јулијан Попов, министерот за транспорт и врски Георги Гвоздејков и министерот за енергетика Румен Радев.