Дерматологот тврди дека овие три додатоци можат да го подобрат изгледот на кожата и да ги намалат брчките
Додатоците во исхраната можат да бидат одличен начин да ги пополните нутритивните празнини во вашата исхрана. Иако урамнотежената исхрана е неопходна за здрава и младешка кожа, не е секогаш лесно да се внесуваат доволно омега-3 масни киселини, витамини и минерали секој ден. Понекогаш е предизвик дури и да запомните да јадете здрав појадок и да пиете доволно вода.
Сепак, секогаш е важно да се консултирате со лекар пред да земете какви било додатоци во исхраната. Но, ако веќе сме добиле дозвола, дерматологот Др. Jushya Bhatia Sarin препорачува три клучни додатоци кои можат да го подобрат изгледот на кожата и да ги намалат брчките.
1. Омега-3 масни киселини
Според дерматологот, омега-3 масните киселини, кои се наоѓаат во додатоците како рибиното масло, „го намалуваат воспалението и ја зајакнуваат заштитната бариера на кожата“, истакна таа во видеото на социјалните мрежи. Здравата кожна бариера штити од надворешни стресови и и помага на кожата да ја задржи влажноста, што придонесува за помазен и поздрав изглед.
Покрај додатоците во исхраната, омега-3 масните киселини можете да ги внесете и од храната како што се масна риба (лосос, сардина), семето чиа, семето од лен и оревите.
2. Цинк
Др. Сарин го опишува цинкот како „витален антиоксиданс“ кој помага во борбата против инфекциите и може да ја намали појавата на акни со регулирање на секрецијата на себум, спречувајќи затнување на порите.
Дополнително, цинкот е од суштинско значење за синтезата на колаген и има антиинфламаторни својства, што може да помогне во лекувањето на егзема и псоријаза.
3. Ресвератрол и витамин Ц
Ресвератролот е моќен антиоксиданс кој ја штити кожата од UV оштетување, го стимулира производството на колаген и го намалува воспалението. Може да помогне и во регенерација на клетките на кожата, правејќи ја кожата поздрава и поотпорна, вели др. Сарин.
Иако ресвератролот е присутен во црвеното вино, ќе треба да се консумира во големи количини за да се почувствуваат неговите ефекти, така што додатоците се побезбедна опција.
Друг клучен додаток е витаминот Ц, кој е малку полесно да се добие преку исхраната, на пример со конзумирање на цитрусно овошје и лиснат зеленчук. Меѓутоа, ако се сомневаме дека не внесуваме доволно витамин Ц, вреди да се консултираме со лекар за суплементација.
„Витаминот Ц не е важен само за имунолошкиот систем, туку и за синтезата на колаген – и колку повеќе здрав колаген произведува телото, толку кожата ќе изгледа поцврста и посвежа“, заклучува др. Сарин.