ДЕСЕТИНА ЗАГИНАТИ ВО ПАД НА ЈАПОНСКИ ВОЕН ХЕЛИКОПТЕР UH-60: Авионот исчезна од радарот 10 минути по полетувањето од воената база
Делови за кои се верува дека се од соборениот јапонски воен хеликоптер Блек Хок со десет членови на екипажот се пронајдени во морето, соопштија денеска официјални лица.
Хеликоптер УХ-60ЈА (Х-60) Блек Хок исчезна вчера попладне додека бил на извидувачка мисија кај јужните јапонски острови, изјави началникот на копнените сили за самоодбрана Јасунори Моришита.
Јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада, видно потресен, изјави за новинарите дека ниту еден од исчезнатите членови на екипажот не е пронајден и дека потрагата продолжува денеска.
Тој рече дека ќе бидат преземени сите мерки за безбедно работење на воените авиони.
„Ќе направиме се што можеме за да ги спасиме 10-те лица кои се уште се водат како исчезнати додека се обидуваме да собереме информации за обемот на штетата“, рече тој.
Хеликоптерот исчезна од радарот само 10 минути по полетувањето од базата на островот Мијако и се верува дека се урнал во водите меѓу Мијако и блискиот остров Ирабу. Таа област е на околу 1.800 километри југозападно од Токио.
Патролните чамци на крајбрежната стража пронајдоа неискористен чамец за спасување со сериски број што одговара на исчезнатиот хеликоптер и врата за која се верува дека му припаѓа на истиот авион во близина на претпоставеното место на несреќата, соопштија воени претставници.
Јапонија агресивно ги зајакнува своите одбранбени капацитети на своите југозападни острови како одговор на растечката воена активност на Кина; во регионот, вклучително и во близина на Тајван.
Хеликоптерот бил стациониран во воена база во префектурата Кумамото на главниот јужен јапонски остров Кјушу, изјави синоќа Моришита. Еден од 10-те членови на екипажот е командантот на дивизијата Јуичи Сакамото, кој неодамна беше унапреден на таа позиција. Војската соопшти дека хеликоптерот поминал рутинска безбедносна проверка кон крајот на март.