Десетици загинати и повредени во израелските воздушни напади низ Појасот Газа на првиот ден од Рамазан

– Десетици Палестинци се убиени и повредени во израелските напади врз Појасот Газа на првиот ден од светиот месец Рамазан денес, објави палестинската новинска агенција Вафа.

Од гранатирањето на израелските борбени авиони врз куќи пријавени се жртви во населбите Зејтун и Сабра, како и во делови во градот Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.

Израелските сили бомбардираа и земјоделско земјиште во населбата Салам во градот Рафа.

Цел на воените авиони беа и бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа и бегалскиот камп Шати во западниот дел на градот Газа.

Израел спроведува смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на 7 октомври 2023 година предводен од палестинската група Хамас во кој се загинати околу 1.200 луѓе.

Оттогаш во израелските напади загинати се речиси 31.000 Палестинци, претежно жени и деца, а предизвикано е и масовно уништување, раселување и недостиг на неопходните работи за живот.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Судот на Обединетите нации во привремената одлука во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да гарантира дека се обезбедува хуманитарна помош за цивилите во Газа.

Египет, Катар и САД се обидоа да постигнат примирје меѓу Израел и Хамас пред почетокот на Рамазан, но безуспешно.