Десетици илјади граѓани на улиците на Тел Авив поради реформите во судството во Израел

– Израелците излегоа на улиците во Тел Авив, 30-та недела по ред и првпат од усвојувањето на Законот за ревизија на судството на Владата на Бенјамин Нетанјаху.

Стотици илјади Израелци учествуваа во демонстрациите организирани низ земјата, вклучително и Тел Авив, Ал Кудс (Ерусалим), Хаифа, Бирусеби, Херзли и Реховот.

Шикма Бреслер, лидерката на протестите, повика на засилен отпор откако Владата го усвои Законот за реформи во судството во Парламентот.

Демонстрантите го блокираа автопатот во близина на крстосницата Каркур во Северен Израел, а опозициските лидери учествуваа во демонстрациите во различни делови на земјата.

Израелскиот Парламент (Кнесет) во понеделникот го одобри закон со кој се ограничуваат овластувањата на Врховниот суд и покрај повеќемесечните протести.

Јарив Левин, министерот за правда на Израел, на 5 јануари ги најави реформите во судството, во кои се вклучени и мерки, како што се намалување на овластувањата на Врховниот суд и на Владата ѝ дава поголема контрола во именувањето на судиите.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху првобитно ја одложи реформата на 27 март поради протестите и штрајковите, наведувајќи дека ова прашање повторно ќе биде разгледано по усвојувањето на буџетот за 2023/2024 година кон крајот на мај.

По запирањето на преговорите со опозицијата, Владата неодамна повторно го започна процесот на реформите.

Поради најавите за реформи, илјадници Израелци, вклучително и воени пилоти, офицери на подморници и други елитни единици, кои се противеа на реформите, одлучија да се повлечат од доброволната резервна служба.