Десет 17-годишни ракометари од Бурунди исчезнаа во Риека, соопшти полициската управа на Приморско Горанска. Ракометарите што недостасуваат се учесници на светското кадетско првенство што од 2 до 13 август се одржува во повеќе хрватски градови, меѓу кои и Риека.
„Според досегашните информации, станува збор за десет млади момчиња родени 2006 година, кои вчера околу 15 часот и 30 минути се оддалечиле во непознат правец од просторот на студентскиот центар во Риека, каде што биле сместени за време на првенството. “, соопшти полицијата.
Оттаму додаваат дека не одговараат на ничии телефонски повици и дека се преземаат мерки и активности за пронаоѓање на исчезнатите лица.
Исто така, се работи на утврдување на сите релевантни факти и околности за нивното исчезнување.
Да потсетиме дека слична ситуација се случи и на некои претходни натпреварувања низ Европа, каде играчите претежно од Африка исчезнаа во потрага по подобар живот.