Деспотовски: Време е да се вратиме на победнички патеки

 Членот на младата македонска фудбалска репрезентација Стефан Деспотовски ги искажа своите очекувања за претстојните квалификациски натпревари на домашен терен против селекциите на Гибралтар и на Шведска за пласман на Европско првенство 2025 година. 

– Овие квалификации ги започнавме одлично, со големата победа над Шведска на гостински терен, но се случи пад во нашата игра и забележавме три порази во серија. Ни претстојат два меча во кои мораме да покажеме голема желба за победа. Треба да покажеме и потврдиме дека сме силна репрезентација која располага со квалитет. Се надевам дека ќе почнеме да остваруваме позитивни резултати. Имаме игра, создаваме шанси, располагаме со цврстина и квалитет, се со што би требало да ја краси една квалитетна репрезентација. Мислам дека треба да бидеме многу поефективни и помудри во завршницата на акциите и за да ги реализираме шансите со погодок. Време е да се вратиме на победничките патеки, изјави Деспотовски.

Во првиот меч од мартовскиот циклус, на 21. март Македонците ќе се соочат со репрезентацијата на Гибралтар. Пет дена подоцна на програмата е дуелот против Шведска.

Двата квалификациски натпревари ќе се играат на Националната арена „Тодор Проески” во Скопје.