ДЕТАЛИ ЗА ЛИКВИДАЦИЈАТА НА ОРХАН БАЈРАМИ: Ликвидиран во луксузен стан каде изнајмувањето чини 600 евра дневно, убијците ги знаеле клучните информации (ФОТО)

Тие дошле со мотори, маскирани, среде ноќ и со повеќе од 20 куршуми го застрелале македонскиот бизнисмен Орхан Бајрами во луксузен стан во Ханиоти, Халкидики.

Загина Бајрами (39), а ранет и хоспитализиран е уште еден македонски државјанин Сеад С.

– Тие се пренесени во болница на Халкидики, каде едниот им подлегнал на повредите, а другиот поради тежината на повредите е префрлен во друга болница во Полигирос – соопшти МВР.

Според македонските медиуми, убиениот Бајрами е припадник на кланот Дуќанџик/Грчец, кој со години е во војна со друг клан од Скопје, изјави за Телма добро упатен извор.

Грчките медиуми цитираа локални полициски извори на Халкидики кои велат дека убиството изгледало како „мафијашка одмазда“.

Бајрами во саботата напладне требаше да се одјави и да го напушти луксузниот ресорт каде изнајмувањето стан чини 600 евра дневно. Убијците тоа наводно го знаеле.

Покрај Бајрами и Сеад, во станот имало уште три лица – еден маж и две девојки, но тие не биле погодени.

По ликвидацијата Ханиоти бил блокиран од полициски патроли, а се проверуваат граничните премини кон Македонија, Бугарија и Турција бидејќи се претпоставува дека убијците дошле надвор од Грција и ќе бегаат преку граница.

Војната меѓу двата клана беснее со години, многу луѓе се ранети и убиени, а убиствата остануваат неразјаснети.

Двете групи се борат за територијата поради криминално дилерство на дрога, рекет и кражба, како и обиди за перење и легализирање на криминално заработени пари преку градежништво.