ДЕТАЛИ ЗА МАСАКРОТ ВО ХАМБУРГ: „Убил и жена која била во седмиот месец од бременоста…“

Во инцидентот загинаа осум лица, меѓу кои и напаѓачот

Нероденото дете на жена која била во седмиот месец од бременоста е меѓу жртвите на пукањето во црковниот центар на Јеховините сведоци во германскиот град Хамбург во четвртокот навечер.

Оваа информација ја потврди и германскиот министер за внатрешни работи, додека полицијата го идентификуваше напаѓачот како Филип Ф., 35-годишен Германец кој немал полициско досие. Напаѓачот бил член на собранието, но пред 18 месеци ги напуштил Јеховините сведоци во горчина.

„Според сегашните сознанија, Филип Ф. не ја напушти заедницата на Јеховините сведоци во најдобри услови“, рече Томас Радзувајт, претставник на Канцеларијата за криминални истраги во Хамбург.

Полицијата, исто така, откри дека во јануари до полицајците била испратена анонимна пријава во која се тврди дека на напаѓачот не треба да му се дозволи да има пиштол и дека тој можеби е ментално болен човек „полн со бес против верските заедници и неговиот поранешен работодавец“, но по проверката не се пронајдени докази кои би го оправдале одземањето на дозволата за носење оружје.

„При увидот во станот на Филип Ф., не се констатирани неправилности, а самиот сторител не оставил впечаток на ментално болно лице“, изјави Ралф Мартин Мајер, претседател на полициската управа во Хамбург.

При ноќниот претрес на станот на сторителот е пронајдена и поголема количина муниција, изјави Ралф Петер Андерс од Државното правобранителство во Хамбург. Како што беше кажано, напаѓачот до сега не им бил познат на властите.

На прес-конференција сенаторот за внатрешни работи на градот-држава Хамбург, Енди Гроте изјави дека напаѓачот побегнал еден кат погоре од

местото на масакрот кога пристигнала полицијата, а потоа си го одзел животот.

Гроте објасни како полицијата била на местото на настанот четири минути по првиот повик. Тој тврди дека брзото пристигнување на полицијата „спасило многу човечки животи“. Во моментот на нападот во црквата имало 50 луѓе.

Во инцидентот загинаа осум лица, меѓу кои и напаѓачот. Жртвите се четворица мажи, две жени и едно неродено дете. Повредени се осум лица, од кои четворица потешко.

Полицијата, исто така, соопшти дека вооружениот напаѓач, пред да влезе во зградата, десет пати застрелал жена во автомобил надвор на паркингот, но таа успеала да побегне.

„Ова е страшно злосторство, нешто што не сме го доживеале во минатото. Го гледаме на телевизија, го гледаме на друго место, но никогаш не сме виделе да се случи во нашиот град“, рече Гроте.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, поранешен градоначалник на Хамбург, го опиша пукањето како „брутален чин на насилство“.

Шолц, го изрази своето чудење на Твитер.

„Моите мисли се со жртвите и членовите на семејството. И со безбедносните сили кои ја извршија оваа тешка задача“, рече Шолц.