Детско катче и пекара денеска доби казнено-поправната установа Куманово како донација од Европската унија. Донацијата е дел од пошироката рамка на поддршка што ја нуди ЕУ и Советот на Европа за подобрување на услови во казнено-поправните установи во државава.
– Мило ни е што сме тука денес да го отвориме овој објект, ова катче во затворот. Можеби на прв поглед се чини дека ова е мала материјална вредност, но е од значење за затворениците и нивните семејства. Ова е дел од една поширока рамка на поддршка што ја нудат Европската Унија и Советот на Европа-подобрување на условите во санкциите и во лишување од слобода во системот во северна Македонија, работиме на градење на капацитетите и на условите во кои се наоѓаат затворениците, а во овој случај за подобрување на условите за нивните семејства, рече Штефан Худолин, шефот на Секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ.
Тој нагласи дека е важно да се помага не само материјално, туку и системски, законодавно на патот на Северна Македонија кон евроинтеграциите.
Ова е трето детско катче што се отвора во затворите и дел од имплементацијата на препораката на Советот на Европа за децата чии родители отслужуваат казна затвор. Во Европа има околу два милиони деца чии родители, едниот или двајцата се во затвор, рече раководителка на Одделението за кривично-правна соработка на генералниот директор за човекови права и владеење на правото при Советот на Европа, Тања Ракушиќ -Хаџиќ.
– И тоа е тешка ситуација за нив. Ова е трето детско катче после Штип 2018 и Прилеп 2021. Уште еден аспект од нашата помош во рамки на хоризонталниот инструмент е здравствената заштита во затворите. Во претходните проекти имавме значителна финансиска поддршка, медицинска опрема којашто им овозможи на шест затвори да ја подобрат здравствената заштита дел од донациите е една што е заедно со ЕУ каде Советот на Европа обезбеди и опрема за тренинг центар за персоналот во затворот Идризово. Не се работи само за материјална помош, туку и за помош која овозможува да се одржи работењето заедно со властите во Северна Македонија за да се подобрат капацитетите на системот, кажа Ракушиќ Хаџиќ.
Таа ги потсети македонските власти дека сè уште остануваат многу препораки од Комитетот за спречување тортура коишто, чекаат на нивнот спроведување.
– Ја користам можноста да ги поканам не само Министерството за правда, затворите, туку и Министерството за финансии и останатите структури да работат на спроведување на овие препораки, кажа Ракушиќ Хаџиќ.
Директор на Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ кажа дека донацијата има исклучително значење на децата на затворениците кои нема да ја чувствуваат стигмата при влез во ваква установа. Тој се осврна на многубројните донации на ЕУ и Советот на Европа за поддршка на системот.
-Дополнително е значајно што тие постојано вложуваат во едукација на вработените во установите, донесувањето на европски практики во македонскиот затворски систем. Благодарност и на ЕУ и на Советот на Европа, ќе настојуваме препораките да ги испочитуваме докрај, не се лесни и едноставни и лесни.Се надевам дека апелот што го упати госпоѓата, Министерствата ќе имаат поголемо разбирање директно за реализација на сите тие задачи, изјави Стојановиќ.
Уметниците Младен Трендевски и Горан Стојанов од „Форма Куманово“ кажаа дека првпат цртаат мурал во ваква установа, а како инспирација им послужиле веселите ликови од цртаните филмови.