Откако републиканците поминаа половина година истражувајќи ги наводните сомнителни работи на синот на американскиот претседател Џозеф Бајден – Хантер – сега демократите навестуваат истрага за финансиите на семејството на поранешниот претседател Доналд Трамп, односно профитабилните зделки на неговиот зет Џаред Кушнер со недвижен имот на Балканот, пишува Дејли Меил во онлајн изданието.
-Сакаме да ве замолиме да свикате сослушување во врска со очигледното шверцување на влијанието на Џаред Кушнер и договорите „quid pro quo“ кои вклучуваат инвестиции во замена за официјални дејствија и да ги испитате заканите за нашата национална безбедност што резултира, рекоа демократот Џејми Раскин и Роберт Гарсија во писмо до водечкиот републиканец Џејмс Комер, пишува весникот.
Текстот потсетува на претходното пишување на Њујорк Тајмс дека Кушнер преговара за профитабилни зделки за недвижнини во Албанија и Србија и додава дека плановите на Балканот капитализираат од односите што Кушнер ги направи за време на администрацијата на Трамп, а договорите се разработуваат со Ричард Гренел, кој за време на администрацијата на Трамп беше вршител на должноста директор на националната разузнавачка служба, амбасадор во Германија и специјален пратеник за Балканот.
Весникот додава дека Кушнер и Гренел „отворено го користеле својот однос со Еди Рама, премиерот на Албанија, од кого тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп добивал неуставни плаќања додека бил на функцијата врховен командант.
Демократскиот извештај, се додава, открива дека Рама, неговите советници и поранешниот министер за инфраструктура, Демијан Ѓикнури потрошиле околу шест илјади долари престојувајќи во хотелот Трамп во Вашингтон, тогаш во сопственост на поранешниот претседател.
Еден од предложените проекти, наводно, би бил да се развие остров во Албанија во луксузна туристичка дестинација позната како Сазан. За време на Студената војна, островот се користел како тајна воена база за подморници.
Вториот проект опфаќа планиран луксузен хотел, со 1.500 станбени единици, како и музеј во Белград, на местото на поранешниот штаб на југословенската армија уништена во 1999 година од бомбардирањето на НАТО, а третиот вклучува изградба на хотел и стотици вили на полуостровот Звернец, на југот на Албанија, пишува весникот повикувајќи се и на извори од српскиот парламент и од компанијата на Кушнер.
Гренел работел на споровите меѓу Србија и Косово и додава дека станува збор за проекти кои се под контрола на владата, што значи дека ќе им треба државно одобрение.
Од друга страна, се шпекулира дека Гренел се надева на позицијата државен секретар во потенцијалната втора администрација на Трамп. Тој не се извини што се обиде да ги искористи односите со властите за да донесе инвестиции во Албанија.
Весникот ја цитира изјавата на Гренел дека „работи на проекти со приватен капитал каде што може да заработи пари“ и дека „никој никогаш не треба да се извинува што сака да заработи пари“.
Се додава дека и републиканците најавиле дека ќе ги истражат аферите на Кушнер.