“ДИВИОТ ЗАПАД НА ИНФЛУЕНСЕРИТЕ ЗАВРШИ“ – Европска држава воведува рестрикции: Казни до 250.000 евра за креаторите на соодржина на социјалните мрежи

Италијанските инфлуенсери, како и другите креатори на содржини на социјалните мрежи, наскоро може да подлежат на истите правила како и традиционалните медиуми кога објавуваат содржина на Интернет. 

Како што пренесува BBC, активностите на инфлуенсерите во оваа земја ќе бидат под надзор на италијанската агенција за комуникации (AGCOM), а новите правила првично ќе важат само за инфлуенсерите со повеќе од милион следбеници.

Сè повеќе се бара професијата инфлуенсер, а нивната заработка по публикација понекогаш надминува 300 евра. Содржината што ја објавуваат најчесто вклучува промоција на одредени брендови, што често не е јасно посочено. Поради оваа причина, италијанската Влада одлучи да воведе строги правила за нив.

Дивиот запад на инфлуенсерите заврши. Почнуваме со големите, но и другите ќе мора да се прилагодат“, вели првиот човек на AGCOM, Џакомо Ласорела.

Доколку не ги почитуваат воведените правила, односно не ја покажат јасно својата соработка со брендот или не ги откријат своите комерцијални интереси, инфлуенсерите ќе мора да платат казна до 250.000 евра. Како што е наведено во соопштението на AGCOM, во случај на пласман на производи, од нив ќе се бара да стават предупредување за рекламната природа на содржината.

Оваа одлука на Италија многумина ја поврзуваат со неодамнешниот скандал во кој беше вмешана познатата италијанска инфлуенсерка Кјара Ферањи. Во декември заработила богатство со нешто повеќе од милион евра бидејќи тврдела дека продажбата на традиционалната празнична торта „Пандоро“ ќе помогне за финансирање на детска болница во Торино. Меѓутоа, овие пари производителот на колачи ги дал на болницата неколку месеци пред да биде пуштен во продажба производот, па ниту цент од продажбата не бил дониран за болницата.

На барање на Националната агенција за заштита на пазарната конкуренција, италијанското државно обвинителство покрена постапка против неа за измама и заведување на потрошувачите. Таа им се извини на своите следбеници и кажа дека направила грешка што ги поврзува комерцијалните активности со добротворни цели.

И другите европски земји минатата година почнаа да воведуваат построги правила за инфлуенсерите.

Така, во јуни Франција донесе закон според кој инфлуенсерите можат да бидат осудени на затворска казна, доколку се утврди дека ги прекршиле новите прописи за рекламирање. Тоа беше и прв случај оваа професија да биде законски дефинирана во Европа.

Исто така, Европската комисија најави дека ќе се зајакне надзорот врз активностите на инфлуенсерите. Креаторите на дигитални содржини ќе мора да им обезбедат на своите следбеници транспарентни и веродостојни информации.