Disney потврди дека има намера да ја спои својата подружница Star India со медиумската компанија Viacom18, која е поддржана од Reliance Industries на индискиот милијардер Мукеш Амбани, во договор вреден 8,5 милијарди долари.
Reliance ќе го води новиот бизнис, а партнерството би можело да прерасне во една од најголемите медиумски империи во Индија, објави Би-Би-Си.
Мукеш Амбани , најбогатиот човек во Азија, има намера да ги реши проблемите на компанијата за стриминг во Индија и вети дека ќе обезбеди 1,4 милијарди долари за основање нова компанија.
Индискиот бизнисмен, кој го изгради своето богатство од 100 милијарди долари (според Форбс) во хемиската и нафтената индустрија, го нарече спојувањето „значаен договор што најавува нова ера во индиската забавна индустрија“, пренесува Ал Џезира Балканс.
Три пати повеќе канали
Компаниите очекуваат работата за која е потребно одобрение од надлежните да биде завршена до крајот на оваа или почетокот на следната година.
Новата фирма би можела да има повеќе од 120 канали, опслужувајќи околу 750 милиони корисници низ целата земја.
Viacom18, кој беше создаден во 2007 година преку партнерство помеѓу Reliance и Paramount, моментално има околу 40 канали.
„ Дизни “ ја презеде „Индија стар“ откако во 2019 година купи дел од медиумската империја „Фокс“, сопственост на Руперт Мардок, пренесува Танјуг.