Димитар Ковачевски: “Иницијативите најдобро се мерат според резултатите, Отворен Балкан ќе остане отворен за сите“

Отворен Балкан е произлезен од регионот и таа иницијатива во никаков случај не е во спротивност со која било друга иницијатива, особено не со Берлинскиот процес. Произлезен како идеја од три земји од регионот е секогаш отворена и за сите други земји од регионот, без разлика дали се тие членки на ЕУ или не се членки на ЕУ и таа секогаш ќе остане отворена за сите“.

Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес – конференција со албанскиот колега Еди Рама кој денес престојува во еднодневна работна посета на земјава. Тој при тоа потсети дека на дел од состаноците на оваа иницијатива присуствуваа и министри за надворешни работи на Турција, Унгарија, а како гости на Самитот учествува и премиер на БиХ и на Црна Гора.

Иницијативите најдобро се мерат според резултатите. Значи нешто кога работите најдобро ќе дадете оценка кога ќе го видите резултатот. Јас сега ќе ви кажам, дел од резултатите коишто произлегоа за граѓаните и за компаниите во овие три земји. Значи во Северна Македонија, Албанија и Србија. Надворешно трговската размена помеѓу Северна Македонија и Србија во однос на 2019 година е зголемена за 50 проценти. Надворешна трговската размена помеѓу Албанија и Северна Македонија во однос на 2019 година  е зголемена за 40 проценти. Туристичката размена односно бројот на туристи од Србија во Северна Македонија е зголемена минатата година во однос на 2021 за 500 проценти. Македонија не можеше да замисли, ниту пак Албанија сама или Србија вклучително, да го имаат најголемиот штанд на најголемиот саем за вино во Италија, светски саем. Трите земји заедно во Верона, на Винитали го имавме најголемиот штанд на најголемиот саем. Тоа е можно ако отидете заедно. И тоа ќе го потврдат сите наши винарии. Благодарение на тоа Северна Макеоднија, нејзините вино производители го зголемуваат своето учество во продажбата на вино не само во регионот, туку во светот. Ние сме втор регионален извозник на вино“, посочи Димитар Ковачевски на новинарско прашање.

Тоа што во Берлинскиот процес, вели, се мачеа со години да го направат – признавање на висококвалификуван кадар, на дипломи, слободно движење со лични карти и тн. беше направено во рамки на Отворен Балкан. Сега, вели, ќе го направиме и во рамки на Берлински процес, бидејќи покажавме дека може да се направи.

Резултатите коишто ги даде Отворен Балкан и којшто има поддршка над 70 проценти меѓу граѓаните и компаниите, во сите три држави остануваат, ќе се работи на нови бидејќи мисијата на интеграцијата како императив, а којшто финална цел е интеграција на сите земји во ЕУ, не завршена. Берлинскиот процес е поширока иницијатива, ќе работиме заедно на неа во рамки на Берлинскиот процес конечно се потпишаа три договори, коишто се депонирани во нашето МНР, што значи дека со самото тоа Северна Македонија има свој значаен углед во Берлинскиот процес“, додаде Димитар Ковачевски.

Потсети дека пред една недела се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц при што разговарале за Берлинскиот процес и за потребата на зголемување на економската соработка меѓу земјите од Западен Балкан и на зголемена поддршка од земјите од ЕУ за земјите од регионов.

Секоја земја која што не се приклучила кон Отворен Балкан, таа всушност не можела да им овозможи на своите граѓани зголемена трговија, зголемена мобилност и зголемен животен стандард. Јас многу пати повторувам и пак повторувам најлесно е да бидете политичар којшто зборува за минатото, бидејќи тогаш ништо не ветувате. Кога зборувате за минатото тогаш не можете нешто да ветите. Тешко е да бидете политичар којшто зборува за иднината, за соработка за интеграции, бидејќи тогаш давате ветувања од коишто луѓето очекуваат подобар живот. Затоа би ги повикал сите лидери на Западен Балкан да се посветат кон интеграциските процеси во регионот и кон забрзано имплементирање на реформите за побрза интеграција на нивните земји,а со тоа и регионот во ЕУ“, порача премиерот Димитар Ковачевски.