Димитар Ковачевски – Маја Санду: “Процесот на евроинтегарции клучен за мирот и стабилноста на европскиот континент“

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Атина оствари средба со претседателката на Молдавија, Маја Санду, на која двајцата изразиле задоволство од билатералната соработка, како и уверување дека поддршката ќе продолжи и во иднина, со цел постигнување на стратешките евроинтегративни цели на земјите.

Како што соопшти владината прес-служба, во таа насока, беше посочено дека Молдавија, по добивањето на кандидатскиот статус од ЕУ, во јуни минатата година, може да смета на помош од Северна Македонија во насока на споделување искуства и консултации, бидејќи нашата држава, има 100 отсто усогласување со заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и преку 40 проценти усогласување со европското законодавство.
 
Соговорниците разменија мислења за значењето на евроинтеграцискиот процес кој што е во функција на зацврстување на мирот, стабилноста на европскиот континент.

Во овој контекст, премиерот Димитар Ковачевски ја нагласи потребата од итно интегрирање на регионот на Западен Балкан во ЕУ и истакна дека конкретно Северна Македонија има поддршка од меѓународната заедница во текот на целиот процес.  

Димитар Ковачевски и Маја Санду истакнаа дека интензивирањето на економската соработка меѓу Северна Македонија и Молдавија ќе придонесе за економски развој на двете земји.

Димитар Ковачевски во Атина е на покана на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, по повод одбележувањето на 20 години од одржувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Солун и „Декларацијата од Солун“. 

Во владината делегација која ја предводи премиерот Димитар Ковачевски е и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.