Поранешниот претседател на Владата и актуелен претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, денес присуствуваше на настанот „За Маестрото“ со кој на македонскиот композитор и диригент, Александар Џамбазов, по повод роденденот, му беше оддадена почит.
Настанот се одржа во Дебар Маало, а го организираше општина Центар.
„Маестро Џамбазов е автор на голем број детски македонски песни, но и популарна музика, иницијатор е и долгогодишен диригент на фестивалот ‘Златно славејче‘, и има исклучителен придонес во развојот на музичките жанрови, со што остави траен белег во македонската музика. Новиот мурал во Дебар Маало, посветен на ликот и делото на Маестро Џамбазов, ќе го разубавува Скооје и Дебар Маало и секогаш ќе нѐ потсетува на песните изведени од неговите ‘Златни славејчиња’ и ‘Развигорчиња’, како и на целиот негов творечки опус, со кои израснаа многу генерации“, напиша Димитар Ковачевски во објава на социјалната мрежа Фејсбук.
На настанот беше промовиран муралот посветен на маестро Александар Џамбазов, како и книгата „Чичко маестро Џамбаз, во светот на децата” на авторите Бранка Костиќ-Марковиќ и Марко Коловски. Градоначалникот Горан Герасимовски и Игор Џамбазов симболично пресекоа лента пред муралот на Маестрото со Златните славејчиња.