Димитар Ковачевски – Паоло Џентилони: “Макрофинансиска помош од 100 милиони евра за Северна Македонија и силна поддршка за членство во ЕУ“
Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на учеството на Економскиот Форум во Виена оствари средба со еврокомесарот за економија Паоло Џентилони.
Како што соопшти владината прес-служба, еврокомесарот ја потенцираше поддршката за Северна Македонија за членство во ЕУ. Тој истакна дека обезбедена е макрофинансиска помош за Северна Македонија од 100 милиони евра.
„Процесот на пристапни преговори ќе значи и зголемена финансиска поддршка за Северна Македонија“, истакна Паоло Џентилони на средбата.
Премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот Паоло Џентилони на средбата разменија ставови во врска со реализацијата на приоритетните проекти на Северна Македонија во рамки на Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан. Двајцата соговорници истакнаа дека тоа ќе значи стимул за економски раст со фокус на инфраструктура, дигитализација, енергетско и транспортно поврзување на Северна Македонија како и на другите земји од регионот.
Премиерот Димитар Ковачевски на средбата истакна дека европската интеграција е стратешка цел на Северна Македонија и Владата е силно посветена на реформите, на продлабочување на регионалната економска интеграција и на развој на заеднички регионален пазар врз основа на законодавството на ЕУ со цел да се направи регионот поатрактивен за инвестиции.
Соговорниците разменија ставови и за Планот за раст за Западен Балкан кој е силен поттик на процесот на евроинтеграциите на регионот, со што ќе се зголеми двојно обемот на економијата на регионот и во земјата.
На средбата двајцата соговорници истакнаа дека европската интеграција за Северна Македонија ќе значи темелни промени и усогласување на економските и правните рамки со законските регулативи и со политиките на ЕУ.