Димитров за измените во Кривичниот законик: Од „нема правда – нема мир“ дојдовме до „нема казна – нема одговорност“

Владата му предложи на Собранието измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат затворските казни за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Според предлогот, треба да се укинат одредбите од член 353 за затворски казни од најмалку три и пет години и наместо тоа да се изрече затворска казна од една до четири години.

Во врска со овој предлог свое мислење се изјасни и поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Тој вели дека Владата со овие измени ќе ја зајакне неказнивоста.

„Владата во моментов предлага полесни казни за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „злосторничко здружување“ преку измени на Кривичниот законик во постапка со европско знаменце, со што овие кривични дела ќе истечат побрзо. Па, дали ќе ја зацементираат неказнивоста со европското знаме?“.

„Ваква злоупотреба на се „европско“ ќе влезе во учебниците! Измените се воведуваат на мала врата, заедно со други измени кои се засноваат на европски директиви, но во оправданоста на измените нема објаснување за намалување на казните за овие две кривични дела. Од „нема правда, нема мир“ дојдовме до „нема казни, нема одговорност““, напиша Димитров.