Директна подводна кабелска линија ќе се гради меѓу Албанија и Египет

 Албанската Влада и компанијата 4iG денеска во Тирана потпишаа Меморандум за разбирање за изградба на директна подводна кабелска линија меѓу Албанија и Египет.

На потпишувањето присуствуваше премиерот Еди Рама, кој оцени дека „тоа е стратешки и иновативен проект кој ја претвора Албанија во јазол на интерконтинентална интерконекција”.

– Тоа ќе стане клучна точка за брз и безбеден транспорт на податоци преку оптички кабел што ќе ги поврзува Египет и Албанија, овозможувајќи и на земјата да го гарантира успехот на оваа нова дигитална медитеранска рута за голем број европски земји. Тоа е важен проект за довербата на претприемништвото, која расте од година во година, изјави Рама по потпишување на договорот.

Додаде дека на прв поглед проектот нема фрапантни бројки, но во својата суштина е фрапантен проект во однос на влијанието и вредноста што ќе ја создаде.

-Кабелските мрежи со оптички влакна се автопатишта на дигиталната комуникација и благодарение на имплементацијата на овој проект ќе стане возможна подводна интерконтинентална врска, каде Албанија ќе има клучна позиција во овозможувањето на оваа стратешка врска, изјави вицепремиерката и министерката за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку.

Овој проектот меѓу Албанија и Египет, оцени таа, ќе биде уште еден последователен успех.

Компанијата 4iG во Албанија моментално ја поседува и администрира компанијата за мобилни телефони ОНЕ, а денеска стана партнер на албанската Влада да го реализира овој проект.