Директорот на АНБ, Бојан Христовски доби НАТО сертификат

Бојан Христовски, директорот на Агенцијата за национална безбедност, добил позитивно мислење и сертификат за пристап до тајните на НАТО, дознава МКД.мк од извор во Дирекцијата за безбедност на класифицирани податоци.

Според тоа, Христовски во иднина тој ќе може да располага со сите доверливи инфомации во однос на Алијансата.

Во минатото поголем број функционери од Македонија беа одбиени за ваков сертификат од страна на НАТО.

Вообичаено, процесот за проверка на подобноста за добивање на пристап до НАТО тајните го води централата на НАТО и низ него длабински се проверува подобноста на кандидатот. Како што дознаваме, согласно методологијата, проверени биле и скандалите кои за Христовски ги објавуваше опозицијата и некои медиуми.

Во македонската јавност актуелен беше случајот со сертификат за познавање на англиски јазик и вториот факултет што го завршил Бојан Христовски.

Неодамна, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) констатира дека нема основа за постапување по пријавата за судир на интереси и корупција при именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. На седницата на 24-ти декември, ДКСК утврди дека Христовски ги исполнува условите за именување според Законот за АНБ, но истакна дека нема надлежност за директна експертиза на дел од документите.

Според пријавите, постојат сомневања за законитоста на безбедносната проверка, валидноста на дипломата за високо образование, сертификатот за англиски јазик и работното искуство на Христовски. Подносителите бараа ДКСК да ги преземе сите потребни дејствија за утврдување на одговорност за корупција и судир на интереси.

Согласно образложанието, од ДКСК побарале и им биле доставени податоци од надлежните институции во кои утврдиле дека заради апликација од страна на апликантот до Владата биле доставени уверение за државјанство, уверение за завршени студии за високо образование седми степен, одлука за одбрана на магистерски труд, уверение за испити положени од прв циклус, доказ за работно искуство, доказ за познавање на англиски јазик како и изјави во однос дека нема забрани за вршење професија, ниту привремена мерка за вршење дејност, како и да изјава дека не е член на политичка партија и дека не му е утврдено постоење судир на интереси.

Според ДКСК, сите доставени податоци биле во насока на исполнување на критериумите.

Одлуката на ДКСК следува откако во случајот со именувањето на директорот на АНБ, Бојан Христовски, спорни беа сертификатот за англиски јазик, за кој постојат сомневања дека е издаден од неовластено јазично студио во Пловдив, Бугарија, поврзано со издавање на лажни сертификати, дипломата за високо образование, за која имаше сомневања за валидноста од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје и документите за работно искуство, каде што се постави прашање дали Христовски има доволно години стаж на раководни позиции, како што е предвидено со законските услови. Овие сомневања беа предмет на истрага од страна на ДКСК и други надлежни институции.