Министерството за одбрана на Украина објави видео на својот официјален Твитер профил, компилација од украински борци кои се борат да ја одбранат својата земја.
„Зошто уште се бориме? Ова е првиот дел од нашиот одговор. Вториот дел ќе го гледате во наредните недели“, стои во описот на видеото што го објави министерството.
Дополнително, фрапантен е хаштагот што министерството го стави на објавата дека доаѓа пролет, со што најавува нешто во наредните недели.
Од друга страна, главниот помошник на украинскиот претседател Володимир Зеленскиј во интервју објавено во петокот изјави дека вооружените сили на Украина се подготвуваат за контраофанзива која ќе започне за околу два месеци.
Михаило Подољак, советник на шефот на претседателската канцеларија, ја даде проценетата временска рамка за време на интервјуто за италијанскиот весник Ла Стампа. Тој рече дека украинската армија прво ќе се фокусира на обидот да ја одржи контролата над градот Бахмут.
Бахмут е место на интензивни борби веќе неколку месеци, а неодамнешната проценка на Институтот за проучување на војната (ISW) вели дека силите на рускиот претседател Владимир Путин во моментов се премногу исцрпени од борбите во тој град и други области за да започнат голема офанзива.
ISW, во меѓувреме, рече дека Украина „веројатно ќе спроведе ограничено тактичко повлекување во Бахмут“ за да ги зајакне своите сили за идна контраофанзива.
„Не брзаме, ќе се реорганизираме во следните два месеци. Ќе ги измориме Русите во Бахмут, а потоа ќе се фокусираме на друго место“, рече Подољак, цитиран од La Stampa, а во превод на Киев пост.