Докторите ги објавија информациите за здравјето на папата Франциско: “Ноќта помина добро, тој ќе остане во болница пет до седум дена!“
Според информациите објавени од светските медиуми, папата Франциско се чуствувал добро во четвртокот наутро, откако ја поминал првата ноќ во болница по операцијата на стомакот, потврдиле од Ватикан.
„Ноќта помина добро“, стоело во кусото соопштение на Ватикан, додавајќи дека дополнителни информации ќе бидат достапни подоцна.
86-годишниот Папа во средата беше подложен на тричасовна операција на кила во болница во Рим, за која докторите рекоа дека била успешна и дека Папата нема да има ограничувања за патување и други активности по неговото закрепнување.
Серџо Алфиери, главниот хирург кој го оперираше Папата во болницата „Gemelli“, вели дека папата Франциско добро реагирал на општата анестезија и дека очекува поглаварот на Католичката црква да остане во болница пет до седум дена.
По операцијата, Серџо Алфиери на новинарите им рекол дека Папата е силен, но стар и дека неодамна имал бронхитис, па затоа ќе ги преземе сите неопходни мерки на претпазливост.
Франциско има две планирани патувања за ова лето: Португалија од 2. до 6. август за „Светскиот ден на младите“ и посета на светилиштето на Фатима и Монголија од 31. август до 4. септември, кои ќе бидат едно од најоддалечените места што ги посетил.
Серџо Алфиери кажал дека нема медицинска причина зошто Папата треба да го промени распоредот.
Ватикан објави дека целата папска приватна и општа аудиенција се откажани до 18. јуни како мерка на претпазливост.
Кога Франциско престојувал во таа болница во 2021 година, ја одржал традиционалната неделна молитва од балконот на десеттиот кат на болницата, кој содржи соби резервирани само за папите.
Докторите кажале дека операцијата била неопходна за да се санираат килата, која понекогаш се формира на лузни од претходни операции. Почеста е кај постарите лица, а може да биде предизвикана и од дебелина или слабост на стомачните мускули.
На Папата му е извршена лапаротомија, односно отворена операција на абдоменот во која е реконструиран абдоминалниот ѕид.
Во јули 2021 година, на Папата му беше отстранет дел од дебелото црево како дел од операција поради болно воспаление во дивертикулумот. Претходно оваа година, тој кажа дека болеста се вратила и влијаела на неговата тежина.
Ова е трет престој на Папата во болница откако кардиналите го избраа за прв папа од Латинска Америка во 2013 година и е последен во низата здравствени проблеми во последните неколку години.