Доктор Јован Божиновски назначен за нов в.д. директор на Клиниката за неврологија

Доктор Јован Божиновски е назначен за нов вршител на должноста директор на Универзитетската клиника за неврологија, соопшти денес на прес-конференција министерот за здравство, Азир Алиу.

Назначувањето следи по разрешувањето на проф. д-р Игор Кузмановски. Тој беше разрешен од функцијата од страна на министерот за здравство по објавувањето на компромитирачко видео на социјалните мрежи.

„Во врска со објавувањето на видео материјал со компромитирачка содржина на 10 октомври, што, согласно член 111, став 1, точка 4 од Законот за здравствена заштита, а во врска со нанесување директна или индиректна штета на јавните здравствени установи – во овој случај штета на угледот на установата – поранешниот директор д-р Игор Кузмановски е разрешен од функцијата, а денес е назначен новиот директор, д-р Јован Божиновски“, нагласи министерот Алиу.

Тој нагласи дека завчера имале неколку состаноци и контактирале со Лекарската комора, формирана е комисија од Министерството за здравство, а побаран е и увид во таа установа, во врска со тој лекар. Нагласи дека чекаат извештај од нивна страна, кој ќе биде споделен со јавноста.

Министерството е во постојана комуникација со Лекарската комора. Во рамките на Министерството веќе е формирана комисија и е побаран инспекциски надзор од Државниот здравствен инспекторат. По ова, ќе се формира и внатрешна комисија за стручен надзор на Клиниката.

Одговарајќи на прашања од новинарите, Алиу рече дека во телефонски разговор со Лекарската комора бил информиран дека лиценцата на доктор Кузмановски е истечена и дека прашањето е дали ќе биде продолжена.