– Обидот за атентат во кој словачкиот премиер Роберт Фицо е тешко повреден по седницата на Владата во градот Хандлова, во близина на главниот град Братислава, потсети на многу претходни убиства на политички лидери низ светот.
Фицо, кој четврти мандат е премиер на Словачка, е повреден во вооружен напад, по што е пренесен во блиската болница. За нападот е осомничен 71-годишен маж што е во притвор, а властите сѐ уште го утврдуваат мотивот за нападот.
Анадолу собра информации за претходни атентати на истакнати државни функционери.
– Зоран Ѓинѓиќ
Српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ беше убиен на 12 март 2003 година во Белград, главниот град на Србија, додека ја напушташе зградата на Владата. Тој е застрелан од истрел од снајперска пушка што го погодил во градите. Веднаш е пренесен во болница, каде што еден час подоцна е констатирана смрт.
Куршумот бил испукан од полицискиот специјалец Ѕвездан Јовановиќ од прозорецот на зградата на Институтот за фотограметрија. Јовановиќ на завршниот говор на судењето за убиството на Зоран Ѓинѓиќ изјави дека никогаш со снајпер не пукал во човек, односно дека не бил обучен снајперист.
– Шинзо Абе
Поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе почина откако беше застрелан додека водеше кампања во градот Нара, Јапонија, во јули 2022 година.
Тецуја Јамагами (42), кој го уби Абе, го изврши нападот верувајќи дека поранешниот премиер е поврзан со Црквата на обединување, попозната како секта на Месечината.
– Џон Ф. Кенеди
Џон Ф. Кенеди, 35. претседател на Соединетите Американски Држави (САД), почина како резултат на атентатот во Далас на 22 ноември 1963 година. Ли Харви Освалд е уапсен како атентатор, кого Џек Руби го уби во притвор.
Според официјалните информации, Руби го убил Освалд од лични причини и не бил поврзан со ниту една организација.
Сепак, сè уште постојат нејаснотии околу атентатот на Кенеди и покрај фактот што поминаа речиси 61 година од настанот.
– Кралот Фајсал
Кралот Фајсал бин Абдулазиз, исто така, беше жртва на атентат. Кралот Фајсал, кој владееше со Саудиска Арабија од 1964 година до атентатот на 25 март 1975 година, спроведе низа реформи во земјата, овозможувајќи основање телевизии и отворање училишта за девојчиња.
Тој беше убиен во кралската палата од неговиот внук Фајсал бин Мусаид.
– Парк Чунг-хи
Претседателот Парк Чунг-хи, кој ја презеде власта во Јужна Кореја со воен удар во 1961 година, е убиен од неговиот пријател Ким Џае Кју во ресторан на 26 октомври 1979 година.
Изворите велат дека Ким, кој бил шеф на разузнавањето, рекол дека го убил претседателот Парк, за кој се вели дека управувал со земјата со „железна тупаница“, „за да ја врати демократијата во Јужна Кореја“.
– Анвар Садат
Анвар Садат, кој ја презеде власта во Египет по смртта на поранешниот претседател Гамал Абдел Насер, беше убиен поради зближување со Израел.
Египетскиот претседател Садат беше убиен за време на парадата одржана на 6 октомври 1981 година по повод осмата годишнина од Јомкипурската војна, од страна на египетскиот армиски офицер Калид Ал-Исламбули и неговите пријатели, кои подоцна беа прогласени за припадници на движењето Исламски џихад.
Садат претходно ги повика арапските држави да го признаат Израел во границите од 1967 година, но беше означен како „предавник“ и на крајот беше убиен.
– Индира Ганди
Во атентатн убиена е и Индира Ганди, прва и досега единствена премиерка на Индија.
На 31 октомври 1984 Ганди е застрелана од двајца чувари од заедницата на Сиките, тврдејќи дека таа наредила воен напад врз „Златниот храм“ што им припаѓа на Сиките.
– Улоф Палме
Поранешниот шведски премиер Улоф Палме беше голем критичар на Соединетите Американски Држави (САД), но и на тогашниот Советски Сојуз, како и на расистичкиот режим во Јужноафриканската Република. Во 1984 година Владата на Палме ја призна ПКК како терористичка организација.
Палме почина на 28 февруари 1986 година кога едно лице му пријде одзади и отвори оган врз него откако го напушти киното.
Палме, кој се враќал со сопругата по една од најфреквентните улици во Стокхолм, не е придружуван од телохранител дента кога е убиен.
Меѓу осомничените за атентатот е и терористичката организација ПКК, а околу неговото убиство сѐ уште има многу отворени прашања.
– Јицак Рабин
Поранешниот израелски премиер Јицак Рабин, исто така, е меѓу лидерите убиени во атентат. Рабин беше познат по неговите напори за постигнување мир меѓу Израел и Палестина.
Рабин беше потписник на Договорот од Осло помеѓу Палестинската ослободителна организација и Израел на 13 септември 1993 година, со цел да се постигне дводржавното решение.
Рабин, кој исто така беше и поранешен лидер на Лабуристичката партија, беше убиен од израелската екстремна десница Јигал Амир по митингот на кој присуствуваше во Тел Авив на 4 ноември 1995 година.
– Рафи Харири
Убиството на поранешниот либански премиер Рафик Харири, кој беше познат како политичар што го обнови Либан, имаше големо влијание врз судбината на земјата.
Харири беше убиен на 14 февруари 2005 година со автомобил-бомба активирана додека неговиот конвој минуваше низ главниот град Бејрут.
Либан влезе во сериозна поларизација и политичка неизвесност по атентатот на Харири.
– Беназир Буто
Беназир Буто, ќерка на првиот избран пакистански премиер Зулфикар Буто, влезе во историјата во 1988 година како „прва жена што владеела со Пакистан и со муслиманска земја“.
Таа беше тргната од функцијата за време на нејзиниот втор мандат како премиер поради обвинувања за корупција, го напушти Пакистан во 1999 година, но се врати во својата татковина во 2007 година.
Буто се врати во Пакистан во октомври 2007 година за да учествува на изборите во 2008 година, но беше убиена на 27 декември 2007 година, кога вооружен бомбаш самоубиец прво отвори оган врз неа, а потоа активираше бомба.
– Џовенел Моис
Претседателот на Хаити, Џовенел Моис, исто така, е еден од лидерите на држави убиени во атентат.
Педесет и тригодишниот претседател беше убиен, а неговата сопруга Мартин Моис беше повредена во напад од вооружени напаѓачи врз неговата куќа на 7 јули 2021 година.