ДОМ нема да ја напушти коалицијата со СДСМ. Лидерката на оваа партија, како и пратеничката Маја Морачанин, одлуката за останување во коалицијата ја правдаат со програмските приоритети што треба да ги постигнат. Според неа, не им се важни функциите што ги добиваат како дел од владата.
„ДОМ ниту кога се водеа преговорите со Алтернативата, ниту сега со Алијансата за Албанците, не го условуваше бројот на функции. Тоа го докажува и фактот што од 2020 година, по парламентарните избори, ДОМ учествува во Владата со заменик министер и нема промена во однос на функциите на ДОМ. За нас суштински е реализацијата на програмските приоритети, а не која партија колку министерски, заменички или директорски места освоила“, вели Морачанин за Макфакс.
Таа додава дека се водат дебати во партиските органи.
„Ние сме доследни на нашиот став во 2021 година: фокусот на работата на новата влада треба да биде на земјата, на спроведувањето на реформите и обезбедувањето подобар квалитет на живот за граѓаните на Македонија. Но, членството на Македонија во ЕУ е нашата стратешка цел, за која, за разлика од некои други општествени фактори кои на популистички начин ги лажат граѓаните, посветено и аргументирано дејствуваме нашата земја и целиот регион на Западен Балкан да станат дел од Европско семејство“, додава таа.