Поранешниот американски претседател Доналд Трамп им се предаде на властите во Округот Фултон, Џорџија, по обвинението дека планирал да ги поништи резултатите од претседателските избори во таа сојузна држава во 2020 година.
Трамп беше ослободен со кауција од 200.000 долари речиси 20 минути откако беше примен во затворот во Округот Фултон, каде што му беа земени отпечатоци и беше фотографиран, со што стана првиот американски претседател во историјата што го сторил тоа.
Напоменувајќи дека тоа е „многу тажен ден за Америка“, тој им рече на новинарите на аеродромот во Атланта дека неговото апсење е пример за „мешањето во изборите“.
„Она што се случи овде е избегнување на правдата. Ние не направивме ништо лошо. Јас не направив ништо лошо, а сите знаат дека никогаш немав таква поддршка. Го имаме секое право, секое право да ги оспориме изборите за кои мислиме дека се нефер“, рече Трамп пред да се качи во авионот.
Трамп се соочува со 13 точки на кривични дела во случајот со Џорџија, вклучително и рекетирање, за притисок врз државните службеници да го поништат неговиот изборен пораз и за поставување нелегитимен избирачки список за да ја поткопа формалната конгресна потврда на победата на Џо Бајден.
Трамп, како и 18 други лица обвинети од обвинителката на Округот Фултон, Фани Вилис, претходно овој месец се соочи со краен рок до петок да се предаде или да му биде врачен налог за апсење.
Поранешните адвокати на Трамп, Руди Џулијани и Сидни Пауел се предадоа во средата.
Сите се обвинети дека се дел од заговор за обид за нелегално манипулирање со изборните резултати во Џорџија и други сојузни држави со намера да се задржи Трамп на власт.
Трамп сега е четирипати обвинет пред државните и сојузните судови откако ја напушти функцијата. Обвиненијата се движат од плаќање пари на актерка во филмови за возрасни, обид за поништување на резултатите од националните избори, незаконско чување доверливи документи и обид да се спречат истражителите да ги извршуваат своите должности.