Достоинствено ќе биде одбележан патронот на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица

 – Достоинствено и годинава ќе биде одбележан патронот на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица.

– На денот кога го славиме споменот на нашиот славен патрон и небесен застапник, светиот великомаченик Георгиј Победоносец во неговиот свет манастир во Рајчица, ќе почне на 5 мај, кога со почеток во 18  часот ќе се отслужи празнична Вечерна богослужба, на која молитвено ќе претстои неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, објавија  од манастирот.

На денот на патронот, 6 мај, во 7:30 часот ќе започне Утрената богослужба, а Божествената архиерејска литургија ќе започне во 8:45 часот, на која ќе чиноначалствува неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со архимандритите и јеромонасите од Свештената бигорска Обител.

– Благослов да присуствуваат имаат сите кои сакаат заедно со нашето братство и сестринство да му оддадат чест и да упатат молитви кон светиот великомаченик Георгиј Победоносец, стои во соопштението.

Информираат  дека на 7 мај (недела) во храмот на „Светиот Великомаченик Георгиј“ во Струга, со почеток во 16 часот, ќе биде отслужена празнична вечерна богослужба, на која ќе чиноначалствува неговото високопреосвештенство митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

По завршувањето на вечерната и панихидата следи свечената еордија (литија) со светите мошти на Великомаченикот и неговата чудотворна икона. Чесните мошти ќе бидат изложени во храмот за поклонение пред да заопочне вечерната боголужба сѐ до започнувањето на еордијата.

-Ве покануваме да бидете гости на нашата манастирска слава, како и да земете учество во древната струшка литија, која пред неколку години беше обновена и збогатена со присуството на моштите на св. Георгиј од манастирот во Рајчица. Дојдете, почувствувајте ја радоста и благодатта на овие торжествени настани и примете го благословот на славниот Победоносец Георгиј. Со благослов на епископот Антаниски г. Партениј, игумен на свештената Бигорска обител, стои во соопштението.