Дојави за поставени бомби во училишта во Скопје и Прилеп и на аеродромот Петровец

 На електронските адреси на 10 училишта во Скопје и четири во Прилеп, како и на Меѓународниот аеродром „Скопје“, претпладнево пристигнале закани за поставени експлозивни направи, информира МВР.

– Денеска до 09.30 часот пријавено е дека на електронските адреси на 10 училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Исто така, добиена е закана и во четири училишта во Прилеп, се наведува во соопштенито.

Од МВР посочуваат дека веднаш по добиените пријави, полициски службеници презеле мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки, а се преземаат мерки за расчистување на случаите.

– Исто така, добиена е пријава за испратена закана и до аеродромот во Скопје, каде исто така, во тек се антитерористички проверки, посочуваат од полицијата.

Според извори на МИА, меѓу скопските училишта каде се вршат безбедносни проверки се гимназиите „Јосип Броз Тито“ и „Никола Карев“ и Електротехничкото средно училиште „Михајло Пупин“.

Минатата недела четири дена имаше дојави за поставени бомби во повеќе училишта во Скопје, како и во четири во Прилеп и во две училишта во Куманово. По спроведените проверки МВР утврди дека сите дојави биле лажни.