Граѓаните чекаат и до пет часа за да ги добијат новите лични документи со новото уставно име на државата, Северна Македонија, на шалтерите на зградата на Македонската радио телевизија во Скопје. Малтретирањето на граѓаните за добивање нови документи не завршува само со целодневно чекање за поднесување барања и фотографирање без одредување датум во полициската станица „Пролет“, туку продолжува и кога после 15 работни дена одат да ги добијат документите. бидејќи стотици граѓани стојат во ред.
Дополнително, термините за фотографирање се зафатени, па се чека и до 6 месеци, пренесува Телеграф Македонија.
„Сдк.мк“ по бројните реакции и повици од граѓани вчера отиде во филијалата на МТВ. Околу 12:30 часот ходникот на првиот кат каде се издаваат лични карти и пасоши беше исполнет со претежно стари лица. Некои од нив стоеја во ред, некои седеа на оградата, а други кои веќе не можеа да стојат, бидејќи чекаа со часови, седеа на скалите. Луѓето кои чекаа пред вратата беа залепени еден до друг и не мрднаа од страв дека некој ќе им го заземе местото и нема да можат да влезат за да ги извадат документите.
Тие рекоа дека чекаат со часови и понекогаш не можат да ги добијат документите.
За разлика од шалтерот за редовна постапка, оние кои издаваат нови документи со брза постапка одат на друг шалтер сместен на приземје и таму чекаат петнаесетина минути.
Но, голем дел од граѓаните не знаат дека има посебен шалтер за оние кои платиле за забрзана постапка, па чекаат ред за редовна постапка.
Од Министерството за внатрешни работи на Македонија велат дека ги користат сите капацитети за да им обезбедат на граѓаните нови документи.
„Покрај редовната работа со терминот, во полициската станица „Пролет“ овозможивме и фотографирање за лични документи без термин. Што се однесува до добивањето на веќе пополнетите документи, шалтерите работат и за викенди и тоа го објавуваме преку медиумите за граѓаните да бидат информирани кога и каде можат да ги добијат документите. Секако во оваа насока ќе бидат преземени дополнителни мерки“, велат од МВР.
Министерот Оливер Спасовски на 26 декември изјави дека интензивно се работи и дека до крајот на јануари сите граѓани ќе го завршат фотографирањето за новите лични документи.
Според Договорот од Преспа со Грција од 2017 година, со кој се реши 30-годишниот спор за името на државата, личните документи мора да се разменат до 12 февруари годинава.