До Собранието се доставува составот и програмата на техничката влада

Џафери го достави предлогот за идната техничка влада до Собранието. Митрески ја закажа седницата за недела. Единствената точка на дневен ред, означена како Избор на Влада на Република Македонија, треба да го означи стартот на новата пржинска влада од 100 дена, која ќе ја води државата, се до изборите во мај.

Според предлогот доставен до законодавниот дом, Талат Џафери треба да застане на местото премиер. За нови министри се предложени досегашните, освен двете министерски места и трите заменички, кои треба да припаднат на ВМРО-ДПМНЕ. Панче Тошковски, треба да раководи со МВР, а Ѓоко Велковски со труд и социјална политика.

Мицкоски денеска изјави дека партијата останува на ставот, дека нема да ја поддржи техничката влада. Не очекува турбуленции при гласањето, но кажа дека Џафери е познат по кршењето закони, а следните 100 дена ќе бидат полоши.

– Тоа е човекот којшто од почеток до крај, како преседавач во македонскиот парламент, направил многу противуставни и противзаконски потези. Очекувам продолжување на лошите политики. Иако можеби некогаш сме биле едногласни дека од ова полошо нема, мислам дека тоа е песимистички став, треба да сме оптимисти, сепак очекувам дека во овие сто дена ќе биде полошо. – рече Мицкоски.

Од СДСМ пак вратија, опозицијата не нуди иднина за државата.

– ДПМНЕ не може да донесе ништо добро за земјата ниту за граѓаните. Тоа е истата режимска партија во која ништо не се променило. Со Мицкоски и ДПМНЕ нема иднина, нема членство во ЕУ, туку враќање назад во изолација, неизвесност, криминал, корупција, поделби меѓу граѓаните. – велат од СДСМ.

И додека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обвинуваат, за лидерот на интегративците, денес е историски ден затоа што се избира првиот премиер Албанец.

– Недела, 28 јануари 2024 година, го избираме првиот премиер Албанец во Република Македонија. Овој ден е историски како за Албанците, така и за Македонците и за сите други бидејќи стануваме рамноправна држава и општество и ги надминуваме сите предрасуди. Но, ова не е крајот, ова е само почеток, имаме уште многу работа и соништа за остварување. – рече Али Ахмети.

А од албанската опозиција, пред денешмното гласање, порачаа дека на власта и даваат уште една шанса, за избор на член на ДИК.

– Бараме од претседателот на Собранието, Јован Митрески, кој при инаугурацијата изјави дека ќе работи во интерес на сите граѓани, итно да се одржи Комисијата за прашања на изборите и именувањатада и за член на ДИК пред Собранието да го предложи кандидатот од албанската опозиција, Абдуш Демири. – изјави Фадиљ Зендели од БЕСА.

Собранието, ги констатираше оставките на премиерот Ковачевски и на претседателот на Собранието Џафери, а во рамки на седницата ,пратеникот Митрески од СДСМ беше избран за нов претседател на Собранието. Шефот на државата Пендаровски му го врачи мандатот на Џафери за состав на преодната Влада.

Откако,денес ќе се изгласа техничката влада, почнува да тече рокот од 100 дена, се до оддржувањето на изборите во мај.