ДРАМАТИЧНА СНИМКА ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО ХРВАТСКА Оштетени куќи, црква, градинка и старата општина (ВИДЕО)
На подрачјето на Раковица кај Слуњ во Хрватска, по утринава земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала, помали штети се забележани на седум куќи, старата општинска зграда, парохиската црква Света Јелена Крижарица и градинката, изјави претседателот на општината Миховил Биќаниќ.
На црквата и градинката се појавија пукнатини, а оштетен е и оџакот од старата општинска зграда. Претседателот на општина Раковица рече дека штетата не е голема и дека ќе се санира, пренесува агенцијата Хина.
Хрватската сеизмолошка служба денеска забележа два прилично силни земјотреси на околу 15 километри јужно од Слуњ. Утрово во 5 часот и 38 минути е регистриран земјотрес со јачина од 4,3 степени, чиј интензитет во епицентарот е проценет на V-VI степени од ЕМС скалата, а е почувствуван низ цела Хрватска, најмногу во Лика и централна Хрватска.
Сеизмолошката служба на Република Хрватска вечерва во 19 часот и 3 минути во истото подрачје повторно забележа земјотрес со јачина од 3,8 степени, чиј интензитет во епицентарот е проценет на V степени според ЕМС скалата. Претседателот на општина Раковица, Миховил Биќаниќ изјави дека евентуалните штети од вечерашниот земјотрес ќе се утврдуваат подоцна.