Драматично предупредување за најлошото сценарио: “Целиот Блиски Исток може да заврши во пламен!“

Меѓународната заедница мора да наметне решение за конфликтот меѓу Израел и Хамас бидејќи двете страни не можат да се договорат. 

Верувам дека во овие 30 години научивме дека решението мора да се наметне однадвор затоа што двете страни никогаш нема да можат да постигнат договор“, вели Жозеп Борел на настан во Лисабон

Тој, исто така, предупреди дека доколку оваа трагедија не заврши наскоро, целиот Блиски Исток може да заврши во пламен, пренесува Sky News.

Разговорите досега доведоа само до привремени прекини на огнот, а сега се стравува дека конфликтот би можел да ескалира по убиството на високиот функционер на Хамас, Салех ал-Арури.

Израел продолжи со бомбардирањето на Појасот Газа во средата, бидејќи Армијата предупреди дека е подготвена за „сите сценарија“ откако еден ден претходно во напад со беспилотно летало беше убиен заменик-лидерот на Хамас во Либан, поттикнувајќи ги стравувањата од регионална ескалација на конфликтот. 

Иако Израел не ја презеде одговорноста за атентатот во Бејрут, нашироко се верува дека стои зад убиството на 57-годишниот Салех ал-Арури, вториот најважен политички човек во Хамас и еден од основачите на неговото воено крило. 

По убиството на Салех ал-Арури и шест други милитанти, портпаролот на израелската Армија Даниел Хагари порача дека се на „многу високо ниво на подготвеност“ во сите области и „подготвени за сите сценарија“. 

Израелската Армија повторно ја бомбардира Газа во текот на ноќта, вклучувајќи го и преполниот јужен град Рафах. Здравствените власти на Појасот Газа велат дека од почетокот на израелскиот напад веќе се убиени 22.000 луѓе. Израел го прогласи Јахја Синвар, водачот на Хамас во таа енклава, за „мртовец што оди“ и најави дека ќе ги елиминира сите команданти на тоа милитантно движење.