Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска објави дека неговите адвокати имале „продуктивна средба“ со претставници на Министерството за правда, додавајќи дека покренувањето обвинението против него „дополнително ќе ги уништи“ САД.
– Моите адвокати утрово имаа продуктивен состанок со Министерството за правда, при што детално објаснија дека не сум направил ништо лошо, и дека обвинението против мене само дополнително ќе ја уништи нашата земја – напиша Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“.
Тој додаде дека за време на средбата не му било дадено предупредување на неговиот тим.
– Не верувајте во лажни вести – порача Трамп, кој се бори за кандидатура на републиканците на претседателските избори во САД во 2024 година.