ДРАМА ВО ЦРВЕНОТО МОРЕ – Хутите киднапираа товарен брод кој пловел кон Индија, а на бродот има и лица од Балканот !?

Јеменските Хути киднапирале товарен брод во јужниот дел на Црвеното Море додека пловел од Турција кон Индија, а според неофицијални информации, на него има членови на екипажот од Балканот.

Израел денеска негираше дека на бродот имало негови граѓани и соопшти дека зад киднапирањето стои „ирански тероризам“. Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху објави соопштение во кое го обвини Иран за инцидентот.

Ова е уште еден чин на ирански тероризам што изразува чекор напред во иранската агресија врз граѓаните на слободниот свет и создава меѓународни импликации кога станува збор за безбедноста на глобалните бродски рути“, се вели во соопштението.

Медиумите јавуваат дека се работи за британски брод кој го користи јапонска компанија. Се наведува и дека во бродот има 25 членови на екипажот, меѓу кои има државјани на Бугарија, Украина, Филипини и Мексико.

Некои медиуми на арапски јазик претходно објавија дека на бродот имало повеќе од 50 членови на екипажот и дека бродот патувал под бахамското знаме. Тие наведоа и дека бродот е делумно во сопственост на израелскиот тајкун Абрахам Унгар и дека неодамна бил изнајмен од јапонска компанија.

Хутите претходно најавија дека ќе ги нападнат сите бродови во Црвеното Море кои се поврзани со Израел.