ОВИЕ ДЕЛОВИ ОД ПОЈАСОТ ГАЗА ГИ ОСВОИ ИЗРАЕЛСКАТА АРМИЈА – Хамас му пружи голем отпор на Израел, а ова се најновите детали од фронтот

Военото крило на Хамас, Ал-Касам, денес соопшти дека се бори со израелската Армија на северозапад од Појасот Газа.

Борците на Ал-Касам во моментов се ангажирани во вооружена борба со непријателските сили користејќи митралези и гранати на северозападот на Појасот Газа“, се вели во соопштението кое го пренесоа странските медиуми.

Врз основа на соопштението на Хамас, но и според извештаите на медиумите и палестинските очевидци, весникот The Guardian пишува дека во северниот дел на Појасот Газа, израелските оклопни сили наводно дејствувале во близина на брегот на Средоземното Море. Весникот наведува дека израелските сили се чини дека напредуваат во две насоки околу градот Газа.

Од друга страна, извештаите на сведоците од внатрешноста на Појасот Газа опишаа како израелските тенкови го сечат главниот пат север-југ Салах ал-Дин јужно од градот Газа и дејствуваат на периферијата, во населбите Зајтун и Шајајаи.

Го отсекоа патот Салах ал-Дин и пукаат во секое возило што ќе се обиде да помине низ него“, изјавил еден жител. 

Сечењето на клучниот пат би сугерирало дека израелските сили се обидуваат да го отсечат градот Газа од јужниот дел на Појасот Газа.

Во меѓувреме, неколку медиуми, повикувајќи се на изјава на палестинскиот кабинет во Појасот Газа, велат дека неколку израелски тенкови кои влегоа во Појасот Газа и го блокираа главниот пат меѓу јужните и северните области на регионот, сега се повлекоа од таму.

Нема офанзива во станбените области на Појасот Газа. Она што беше на пат кон Салах ал-Дин беше упадот на неколку тенкови и воен булдожер на окупаторската Армија од отворен земјоделски простор“, се објаснува во соопштението на Хамас

Според Хамас, израелски тенкови нападнале две цивилни возила, но палестинските вооружени групи ги принудиле да се повлечат.

Израел во петокот најави проширување на копнените операции на Армијата во Појасот Газа, а портпаролот на израелската Армија, Даниел Хагари, синоќа предупреди дека повикот за евакуација, што ИДФ го упати до Палестинците на територијата пред две недели, сега е „итен“.