Премиерот и лидер на Граѓанското движење УРА Дритан Абазовиќ вечерва во емисијата „Начисто“ на ТВ Вијести изјави дека изборните циклуси во Црна Гора поминале мирно, иако „ДПС се обиде да направи нешто мало во вториот круг“.
Тој смета дека Ѓукановиќ го оплакуваат оние кои ја оплакуваат политиката на деведесеттите и политиката на поделби. Тој оценува дека сега политичките актери ќе се натпреваруваат кој ќе биде подобар и дека фокусот ќе биде ставен на влезот во Европската унија, како и дека не станува збор за реваншизам кон Ѓукановиќ.
Абазовиќ потсети и дека е обвинет дека помогнал за враќање на ДПС на власт.
Вака се врати ДПС“, рече црногорскиот премиер.
Абазовиќ рече дека приоритет е борбата против организираниот криминал и дека приказната околу уривањето на куќата на Мило Ѓукановиќ е „типична црногорска приказна“.
„Наместо да зборуваме за тоа што диво го градеше Ѓукановиќ, ние зборуваме за тоа дали државниот орган дојде два дена по или пет дена пред изборите. Ѓукановиќ не бил единствениот кој диво градел. Бато Царевиќ поведе спор против државата, како и Ѓукановиќ. На 30 септември е испратено писмо до Ѓукановиќ, но тој не се изјасни“, додаде Абазовиќ.
Тој вели дека точно е дека има голем број слични случаи, но дека не може да се дојде до сите. Тој повтори дека треба да се донесе „антимафијашки“ закон за „конфискуваниот имот да се стави во функција“.
Премиерот вели дека во Црна Гора повеќе нема табу теми и дека не станува збор за реваншизам кон Ѓукановиќ и дека тој има поголема доза на одговорност и мора да даде пример.
Абазовиќ посочи и дека се потребни реформи во правосудството и дека не очекува Весна Меденица да биде осудена затоа што на чело се „судиите на ДПС“.
„Го повикав Уставниот суд да се разбуди од зимскиот сон и да каже дали указот на Ѓукановиќ е во согласност со Уставот. Ако кажат дека е според Уставот, тогаш претседателот ќе може да го распушта Собранието на секои 100 дена, секогаш кога не му се допаѓа некој закон или изјава или ако не му се допаѓа составот на парламентот. Ако вака Уставниот суд го толкува законот, тогаш џабе сме се расправале“, рече Абазовиќ.